БАРАМЕ ПОРИГОРОЗНИ КАЗНИ ЗА ЗАКАНИ КОН ПОЛИЦИЈАТА, РЕКОА ОД НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛА

    БАРАМЕ ПОРИГОРОЗНИ КАЗНИ ЗА ЗАКАНИ КОН ПОЛИЦИЈАТА, РЕКОА ОД НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛАМаршот тргна од пред Обвинителството и заврши на плоштадот Магнолија. (Фото: СДК.МК)

    Притвор и кривична постапка за граѓаните кои се закануваат дека ќе напаѓаат полицајци, а не извинување, побараа од Независниот синдикат на полицијата на денешниот протестен марш во Битола. Тие излегоа на протест откако на 3 февруари жителите на населбата Баир упатија закани кон нив бидејќи полицијата ги казнува оти возат без возачка дозвола и им ги одзема возилата.

    „Бараме од државата превенција и промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, каде повторно ќе се вратат ригорозните казни за омаловажување на државни органи. Педесет евра казна не е казна, 50 евра е бакшиш што се дава на музика во кафеана. Авторитетот на државата мора да вреди многу повеќе од 50 евра“, рече Мартин Ефремов, претседател на Независниот синдикат на полицијата.

    Маршот тргна од пред Обвинителството и заврши на плоштадот Магнолија, каде што Ефремов пред присутните рече дека треба да има кривична постапка за овој случај, како за оној пред две години, кога граѓанин се закануваше на обвинителка во Прилеп на истиот начин и веднаш беше определена мерка притвор и започната кривична постапка.

    „Имаме чувство дека обвинителството и судството, во овој период, апсат единствено полицајци и лица од кои можат да наплатат некоја пара за да ги заѕидаат во ѕидовите“, рече Ефремов.

    Владимир Литовски, помошник-генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата, порача дека не смее да има различни аршини и сите граѓани треба да се еднакви пред законот.

    „Кривичните пријави ги поднесовме ние, како Синдикат, до Обвинителството. Ако беше за обвинител, премиер или за некој пратеник, ќе беа веднаш повикани и ставени во притвор. Вака, кога е за полицајци, новинари и професори, може и да не се повикуваат лицата“, рече Литовски.

    Горан Ристевски од Независниот синдикат на државна администрација посочи дека овој собир нема национален, верски или политички предзнак.

    На 5 февруари, Независниот полициски синдикат поднесе кривични пријави против двајца битолчани за загрозување на сигурноста поради заканите кон полицајци што беа кажани на протестот против возачките дозволи во Битола. Тие, заедно со други Роми, протестираа против законските измени, со кои се дозволи полицијата да одземе возило ако лицето нема возачка дозвола. Контролите продолжија и на територијата на СВР Битола досега се одземени десетина возила по ист основ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира