Пред Локалните избори во 2025, Владата преку унгарскиот кредит на Општините им даде вкупно 112 милиони евра, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за следењето на доделувањето пари од Владата за инфраструктурни проекти во oпштините во 2024 и 2025 година.
Сите Општини добија пари за реконструкција на улици, изградба на водоводна мрежа, канализација, катни гаражи, паркови, само Град Скопје не доби пари за ниту еден проект, иако станува збор за главен град, со најголема територија и најголем број на жители. Најмногу пари од Владата добија Општините Битола 5,6 милиони евра, Тетово 5,5 милиони евра, Куманово 5,3 милиони евра и Аеродром 5,3 милиони евра.
„Од октомври 2024 до октомври 2025 година, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините. Од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства. Со првата одлука од октомври 2024 се распределени 71,1 милиони евра за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Со втората одлука од јули 2025, распределени се дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти. Од првата транша пари не им неа одобрени на Град Скопје, Струмица и Сарај, а од втората само на Град Скопје. Веднаш по завршувањето на изборите, Владата направи значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти кои, од почетните 250 милиони евра, се намалени на 149 милиони евра“, се вели во извештајот.
По жител највисоки износи се одобрени за Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и Кратово (76 евра). Најмалку пари по жител има за Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).
Само за 11 проекти, што е нецел 1 %, може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи. Вакви проекти имаат 9 општини и од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, a ниту еден за жени.
„Врз основа на клучните наоди, може да се заклучи дека одобрените средства од Владата за општините од т. н. унгарски кредит беа значајна ‘инјекција’ за општините во предизборните месеци. Средствата не беа рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ. Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието“, покажува извештајот.
Истражувањето покажува дека отсуствуваат јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година. Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025, односно до месецот на одржување на локалните избори. Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите.
