Лани се намали процентот на вакцинирани деца од претшколска возраст во Велешко. Најнизок, со 68,5 отсто, е за вакцината МРП (мали сипаници, рубеола и заушки), а во 2024 опфатот бил 77,5 отсто. Во 2024, епидемијата на големата кашлица во земјава придонесе родителите со поголем интерес да ги вакцинираат децата, а лани, како што велат докторите, немаше зарази и немаше интерес.
Поради неоправданиот страв од МРП вакцината и нејавувањето за вакцинација, низок е опфатот и на другите две ревакцини против стрептокока и поливалентната вакцина, кои се аплицираат после првата година.
„Опфатот со вакцинација во предучилишна возраст во 2025 бележи пад. Процентот на вакцинирани против голема кашлица, тетанус, дифтерија, детска парализа е намален од 90 на 81,4%, а против морбили, рубеола и заушки од 77,5 на 68,5%. Тоа сведочи за лоша покриеност кај децата со вакцини, пропусти во колективниот имунитет и ризик од појава на нови епидемии. Само опфатот со пневмококната вакцина и вакцината против хепатит Б бележат благ пораст“, кажа педијатарката д-р Марина Тодоровска, раководителка на Одделението за предучилишна превентива.
После наполнување на првата година на детето, опаѓа вакцинацијата со сите вакцини. Некои родители не дозволуваат нивното дете на таа возраст да прими МРП вакцина, имаат отпор, па доцнат и другите вакцини. До петтата година возраст, оваа вакцина родителите дозволуваат да се прими, па расте опфатот и со неа и со другите вакцини. Така, невакцинираните се вакцинираат и вакцинацијата кај децата од школска возраст во Велешко е и над 90%.

„Само опфатот со пневмококната вакцина и вакцината против хепатит Б бележат благ пораст“, кажа педијатарката д-р Марина Тодоровска, раководителка на Одделението за предучилишна превентива. (Фото: СДК.МК)
Во случајот со МРП, кај децата од шестгодишна возраст опфатот е 97,6%. Висок опфат има и ХПВ вакцината, каде од минатата година се вклучени и машките деца, опфатот со неа е 97% , со кој процент Велешко е на самиот врв во Македонија.
Опфатот со ХПВ вакцина во Македонија стигна на 60 отсто, рече минатиот месец проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација. Според последните информации, во 2023 беше 58, 6 отсто, откако во време на ковид пандемијата падна на 35, 5 отсто.
„Со задоволство морам да кажам дека веќе и бројките одат со добар тренд нагоре. Веќе сме на процентот од 60% опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме помеѓу лидерите, бидејќи и првпат помеѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината“, рече проф. д-р Грозданова.
П. ПЕЧКОВ



