ДЕЦАТА НИ СЕ ОСАКАТЕНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД БИТОЛСКИ БАИР И ПОСТАВИЈА УЛТИМАТУМ ДО ОПШТИНАТА ДА ГИ СОБЕРЕ КУЧИЊАТА

    ДЕЦАТА НИ СЕ ОСАКАТЕНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ОД БИТОЛСКИ БАИР И ПОСТАВИЈА УЛТИМАТУМ ДО ОПШТИНАТА ДА ГИ СОБЕРЕ КУЧИЊАТАМу даваме ултиматум на градоначалникот од 7 работни дена да ги исчисти кучињата, односно да ги стационира на соодветно место, рекоа граѓаните на собирот пред Општината. (Фото: СДК.МК)

    Потресни сведоштва можеа да се чујат денеска на граѓанскиот собир пред Општина Битола, организиран од жители на населбата Баир, каде за еден месец улични кучиња унаказија две малолетни деца. На 6 март улично куче кангал мелез искаса 4-годишно девојче, на кое ѝ откина дел од носот, го повреди и на градите и раката, а на 6 февруари глутница кучиња тешко повредија двегодишно дете, кое заврши во скопскиот Клинички центар. И двете деца беа нападнати во нивниот семеен двор. На собирот присуствуваа и нивните родители и други роднини.

    „Лицето ѝе направено катастрофа. Мора да се преземат мерки, вака повеќе не може“, рече Ахмет Азизов, таткото на 4-годишната Емир.

    „Во дворот ни дојде кучето. Внучето си играше со другото девојче. Ја нападна. Трчав да бранам. Дури трчав, кучето ја искаса по лицето, градите, раката. Ја однесовме целата во крв во болница. Сега е подобра, но има уплав. Ќе тужиме“, рече Мукерем Бајрамова, бабата на девојчето.

    Двегодишното дете кое беше нападнато на 6 февруари сега е пуштено на домашно лекување, но со рани по телото и голем преживеан стрес. Таткото Сејѓул Вејселовски вели дека ова му е второ дете нападнато од кучиња.

    „Помалото, двегодишното, за кое разбра цела јавност, го нападнаа пред еден месец пет-шест кучиња и го искасаа. Ќе умреше за неколку минути ако не го спасевме. Другото дете ми беше каснато лани, кога имаше 3 години“, рече Вејселовски.

    Самедин Канановски од Центарот за интеграција на Ромите од Битола рече дека во двата наврата децата биле нападнати од исто куче, иако од прифатилиштето „Хачико“ тврдеа дека не било истото.

    „Денеска му даваме ултиматум на градоначалникот од седум работни дена да ги исчисти кучињата, односно да ги стационира на соодветно место. Во спротивно, ќе застанеме тука и бидејќи е месец на Рамазан, на сред булевар ќе има 3.000 луѓе кои ќе јадат Ифтар и ќе му поставам шатори и нема да влезат вработените во Општина. Ние ни во дворовите не сме сигурни да влеземе од уличните кучиња“, рече Канановски.

    Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изрази жалење за немилите настани и напомена дека проблемите се решаваат со разговор, не со ултиматум. Тој посочи дека надлежностите се кај ЈП „Комуналец“, претпријатие кое има отворено прифатилиште. Рече дека проблемот е комплициран и бара постапување од повеќе институции.

    „Прашањата треба да се постават и до надлежните институции, кои треба да го третираат овој проблем, а тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство. Имаме сознанија дека граѓански активисти држат кучиња во несоодветни услови. Од друга страна е МВР, зашто имаме сознанија дека има граѓани кои неовластено држат кучиња за борби. Има и несовесни граѓани кои по Широк Сокак им оставаат храна пред дуќаните, рестораните, зградите. Сето тоа го мултиплицира проблемот“, рече Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира