Доналд Трамп и Владимир Путин дискутирале за војните во Иран и Украина во својот прв телефонски разговор оваа година, откако рускиот лидер предупреди дека глобална енергетска криза би била закана за светската економија. Американско-израелскиот напад на Иран доведе до најголемиот пораст на цените на нафтата од 2022 година.
Кремљ кажа дека Трамп му се јавил на Путин.
„Имав многу добар разговор со Путин. Тој сакаше да помогне околу Иран, но му реков дека би бил многу покорисен ако ја заврши војната помеѓу Русија и Украина. Така многу повеќе би помогнал“, изјави Трамп.
Во услови на превирања на глобалните енергетски пазари, администрацијата на Трамп размислува да ги ублажи санкциите за руската нафта. Овој потег би имал за цел да ги зголеми светските залихи на нафта по масовниот прекин на испораките од Блиски Исток, но би можел да ги закомплицира напорите на САД да ја лишат Русија од приходи за војната во Украина.
„Се откажуваме од одредени санкции поврзани со нафтата за да ги намалиме цените. Имаме санкции за некои земји. Ќе ги укинеме тие санкции додека ова не се среди“, рече Трамп, без да ги наведе земјите и додаде:
„Потоа, којзнае, можеби нема да мора да ги воведуваме повторно, ќе има мир. Кога ќе дојде време, американската морнарица и нејзините партнери ќе ги придружуваат танкерите низ Ормускиот Проток доколку е потребно“.
Во петокот, министерот за финансии Скот Бесент изјави дека САД би можеле да ослободат повеќе руска нафта од санкции.



