СО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ СЕ СПРАВИВМЕ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ШВАЈЦАРИЈА ВО КРАН МОНТАНА, НЕКРОФИЛСКИ Е ДА СЕ СПОРЕДУВААТ ЛОШИ НАСТАНИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    СО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ СЕ СПРАВИВМЕ ПОДОБРО ОТКОЛКУ ШВАЈЦАРИЈА ВО КРАН МОНТАНА, НЕКРОФИЛСКИ Е ДА СЕ СПОРЕДУВААТ ЛОШИ НАСТАНИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ„За жал не постои начин да ги вратиме тие кои не се повеќе меѓу нас. Но, од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан, со оној настан што се случи во дискотеката во Кран-Монтана, Швајцарија, неколкукратно подбро, верувале или не, системот македонски, институциите македонски реагираа подобро, отколку системот во Швајцарија и институциите во Швајцарија“, рече Мицкоски во Кочани. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Македонија подобро се справила од Швајцарија, во однос на пожарите во кои на 16 март 2025 загинаа 63 лица во кочанската импровизирана дискотека „Пулс“, а во новогодишната ноќ на 1 јануари загинаа 41 лице во подрумскиот бар „Ле Констеласион“ во Кран-Монтана.

    Денеска во Кочани, на новинарското прашање „Дали чувствувате како Влада дека добро се справивте со трагедијата во Кочани пред една година?“, Мицкоски одговори:

    „Апсолутно да. Апсолутно да, но кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски. Јас не сакам да бидам и да делувам некрофилски, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање, затоа што ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме, со она што се случи во Кран-Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се справивме. Во сите параметри, во сите споредби. За жал не постои начин да ги вратиме тие кои не се повеќе меѓу нас. Но, од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан, со оној настан што се случи во дискотеката во Кран-Монтана, Швајцарија, неколкукратно подобро, верувале или не, системот македонски, институциите македонски реагираа подобро, отколку системот во Швајцарија и институциите во Швајцарија. И тоа се бројки“.

    При денешната посета на Кочани, Мицкоски говореше за изградба на експресен пат којшто треба да го поврзе Кочани со Виница, Делчево и граничен премин со Бугарија. Владата најави дека утре организира „Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“.

    На 16 март 2025 во пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“ Кочани загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Обвинети се 35 лица и судењето е во тек, а следното рочиште е на 17 март.  На 3 март почна и судењето на првата група од вкупно 12 обвинети полицајци и следното рочиште е на 18 март.

    Вчера на судењето за несреќата во „Пулс“ со 35 обвинети, сведочеше Дарко Стојков, инспектор вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Подрачно одделение Виница, кој кажа дека до пожарот, во Подрачното одделение за заштита и спасување во Кочани немало вработено инспектор за заштита и спасување, а нема ни до ден-денес. Во Кочани нема инспектор за заштита и спасување од 2012 кога се пензионирал последниот. Сведокот Стојков бил дел од увидната екипа по пожарот во „Пулс“.

    „Од ДЗС дојдоа од Пробиштип, Струмица и Берово. Црнила, саги, што се немаше пред влезот, но внатре кога влеговме имаше само два ПП-апарата, недоволно за квадратурата. Хидрант, празен, нема вода, црево и млазница. А задната врата заклучена, од внатрешната страна немаше квака и плус беше заклучена со катанец во долниот дел. Главниот излез, по целата должина треба да има хоризонтален ракохват за отворање нанадвор, а немаше, имаше уште една пеперутка врата, а дали главниот влез бил заклучен, не знам. Задната врата која била заклучена беше многу тесна и запечатена надворешно со траги од стиропор. Мислам дека не ги исполнува условите, но ако била отклучена ќе послужела како излез. Немаше ни панично светло над вратата за излез. Приметено е дека на женското веце прозорците беа со метални решетки, а од задната врата немаше услов за евакуација, од едната страна ограда, надолу брег и до тоа место нема простор да пристапи итна помош или противпожарно возило“, рече Стојков.

    Тој рече дека за контрола на ноќни клубови не е разговарано да се врши инспекциски надзор, бидејќи тие работеле во денови од викенд и после полноќ. Генерален инспектор им бил сега обвинетиот Љупчо Грнчиштанов.

    Родителите на загинатите деца, на вчерашната комеморација во Собранието, беа изреволтирани што се организира после цела година, како и од тоа дека во говорот на Африм Гаши ниту една жртва на пожарот не беше именувана со име и презиме.

    Швајцарија во февруари соопшти дека семејствата погодени од пожарот во скијачкиот центар Кран-Монтана во новогодишната ноќ ќе добијат по 50.000 швајцарски франци (55.000 евра).

    Во пожарот во тамошниот бар „Ле Констеласион“ предизвикан од прскалки загинаа 41 лице, главно тинејџери, меѓу кои и едно 14-годишно дете, а 116 беа повредени.

    Швајцарските обвинители во кантонот Вале го додадоа градоначалникот на Кран-Монтана, Никола Феро, како и четворица сегашни или поранешни локални функционери на листата на осомничени во истрагата за пожарот. Феро, кој е повикан на сослушување на 13 април, призна дека општината не ги спровела задолжителните годишни противпожарни инспекции во барот од 2019 година; истрагата, која првично беше насочена кон француските сопственици Жак Морети и Џесика Морети, сега опфаќа девет обвинети кои се соочуваат со можни обвиненија за убиство од небрежност, за што може да им се изрече казна до 4,5 години затвор, а случајот предизвика и тензии меѓу Швајцарија и Италија откако беа идентификувани шест италијански жртви.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира