Во четвртокот, Зоолошката градина во Скопје организираше прослава за роденденот на гибонот Мики. Подароците кои за него ги подготвиле зоо негувателите биле украдени од посетители.
Како што велат вработени во градината, настанот бил надвор од живеалиштето и додека зоо негувателите ги дувале свеќите од тортата направена за Мики, посетителите украле дел од подароците.
„Надвор беа наредени ќебенца и играчки и некој за две минути додека ние дувавме свеќи, ги украл. Украден беше и букетот што го купивме за зоо негувателката, која од првиот ден се грижеше за Мики“, велат од Зоолошката градина.
Мики како бебе, на возраст од само неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и со епилептични напади. Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба.
„Зоо негувателката Зера 24 часа на ден беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче. Денес, после сите авантури, Мики е успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестричка Делфина “, велат од Зоолошката градина.
А. АНТЕВСКА



