Апелациониот суд Скопје им ги зголеми затворските казни на вкупно 50 години на 12 лица, од кои десетмина велешани, осудени за неколку кривични дела поврзани со сексуалната експлоатација на 15-годишно дете. Првично, со пресудите изречени на 21 ноември 2024 во Кривичен суд Скопје, тие добија затворски казни од вкупно 31 година.
Апелација Скопје деновиве ја објави пресудата по седница одржана на 13 ноември 2024, а по советување донесена на 25 декември. Тие ја прифатија жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а ги отфрлија жалбите на обвинетите. Дванаесетте осудени лица се гонеа за кривичните дела Трговија со дете за првите пет обвинети, Полов напад и силување за следните шест обвинети и за последниот Прикажување на порнографски материјал на дете. Пресудата е правосилна, а имаа можност за вонреден правен лек.
Првообвинетиот Стефан Димовски (29) доби казна затвор од 8 години и шест месеци, а првостепно доби пет години и шест месеци. Тој е во бегство од почетокот на март иако беше во домашен притвор.
Дејан Спасиќ (35) од Тетово судот го осуди на шест години и шест месеци, а претходно на четири години и шест месеци.
Димитар Наков (29) судот го осуди на осум години и шест месеци, а претходно на четири години и шест месеци.
Тино Илиевски (26) доби казна затвор од седум години и шест месеци, а претходно четири години.
Савен Неделковски (26) доби шест години затвор, а претходно четири години.
Александар Филиповски (26)доби три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци.
Бојан Филиповски (29) судот го осуди на три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци.
Антонио Зографски (29) судот го осуди на три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци
Трајче Лазов (30) судот го осуди на три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци.
Ристо Вељанов (22) Скопје, судот го осуди на три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци.
Кристијан Тончев судот го осуди на три години затвор, а претходно 1 година и шест месеци.
Борче Коцев (34), е осуден на една година затвор.
Претходно едно момче го призна делото и тој по признание на вина доби условна затворска казна.
За делата беа обвинети 14-мина, а еден од нив го признал делото и Основен кривичен суд Скопје на 21 септември 2023 му изрече казна затвор од 2 години. Судењето на останатите на 13 лица започна на 19 септември 2023.
При изрекувањето на првостепената пресуда во Кривичниот суд Скопје, судијката Даниела Димовска рече:
„Чинија полна со неограничени количини кокаин стоела на маса пред младите. Треба да се запрашаме дали тие имаат контрола, дали знаеме каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца и дали тие можат да создаваат здрави врски кои ќе градат здрави фамилии? Ова се прашања за цело општество“, рече тогаш судијката Димовска.
Кривичниот суд по изрекувањето на првостепената пресуда за првите петмина обвинети одреди домашен притвор. На 13 март годинава, кога во круговите на обвинетите низ Велес се рашири веста дека им се зголемени затворските казни, од вечерта му се губи трагот на првообвинетиот Стефан Димовски. Тој има положено гаранција пред Кривичниот суд од 70 илјади евра за обезбедување на негово присуство, а му е одземена и патната исправа.
На прашањето поставено на 18 март дали е точно дека лицето е во бегство, Кривичниот суд Скопје ни одговори на 30 март:
„По информација на СВР Велес првобвинетиот Димовски не е достапен. По ова, изречена му е мерка затворски притвор и за него е распишана централна потерница. И четвртообвинетиот не бил пронајден дома, потоа е пронајден, па и нему му е изречена мерка затворски притвор“, велат од Кривичен суд Скопје.
Случајот бил случајно откриен, кога во мобилен тетовец на тетовец кој се истражувал за производоство и дистрибуција на дрога, била пронајдена експлицитна секс снимка со детето. Кога во јануари 2023 беше објавена информацијата за апсењето на групата, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги објави деталите за тоа како функционирале и како сексуално го експлоатирале девојчето.
„Првоосомничениот велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето-жртва им овозможил на останатите да вршат полови дејствија со жртвата, по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со 15 годишното девојче-жртва на трговија со луѓе и по неколкунеделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе ѝ наштети на нејзината чест и углед. На овој начин, првоосомничениот го принудувал детето-жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале обвинетите, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето-жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“, соопштија тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
П. ПЕЧКОВ



