ДОЦНА СЕ ОТКРИВА РАКОТ НА ДОЈКА КАЈ 80 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТКИТЕ, СКРИНИНГОТ НЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ ОТИ ИМА МАЛ ОПФАТ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    ДОЦНА СЕ ОТКРИВА РАКОТ НА ДОЈКА КАЈ 80 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТКИТЕ, СКРИНИНГОТ НЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ ОТИ ИМА МАЛ ОПФАТ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОРПодатоците од Клиниката за радиотерапија и онкологија покажуваат дека 80 отсто од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг. (Фото: К. Попов)

    Опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8 отсто до 5,4 отсто, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3 отсто до 15,5 отсто од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста, вели извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Во извештајот се вели дека податоците од Клиниката за радиотерапија и онкологија покажуваат оти 80 отсто од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг.

    Од ДЗР велат дека извршиле ревизија на успешност на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали програмите за рана детекција и скрининг обезбедуваат соодветна покриеност на целната популација и квалитетна и навремена дијагностика и резултираат со рано откривање на малигни заболувања на дојка и грло на матка и намалување на морталитетот?“.

    Во извештајот стои дека во периодот 2021-2024 година се направени вкупно 20.946 скрининг мамографии на жени на возраст од 40 до 69 години во двегодишен циклус во повеќе мамографски центри. Скринингот на рак на грло на матка се спроведува по пат на ПАП тестови кај жени на возраст од 21 до 59 години во тригодишен циклус и во периодот 2022-2024 година од матичните гинеколози се земени вкупно 130.093 примероци за ПАП тест.

    (Извор: Државен завод за ревизија)

    Скрининг програмите се реализираат континуирано, но опфатот на целната популација е ограничен и не обезбедува значајни популациски ефекти. Одзивот на поканетите жени не може целосно да се оцени поради недостиг на целосни податоци за бројот на испратени покани и бројот на жени кои се одзвале на скринингот, се потенцира во извештајот.

    „Информациските системи не овозможуваат систематско следење на истото. Дополнително, промотивните активности не се спроведуваат континуирано и со доволен обем, што влијае врз информираноста и мотивацијата на жените да учествуваат во скрининг програмите. Во однос на навременоста и квалитетот на дијагностиката, не се утврдени временски рокови од реализирање на скрининг до издавање на резултатите, ниту протоколи за известување на жените“, велат ревизорите.

    Кај мамографскиот скрининг резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена, а кај значителен број жени и по повеќе од 60 дена, додека кај скринингот за рак на грло на матка, дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење.

    „Понатамошното постапување по скрининг за рак на дојка, особено кај жените со сомнителни или позитивни наоди, во значителен дел е поврзано со работата на Кабинетите за дојка, кои претставуваат важна алка во дијагностичкиот и терапевтскиот процес. Во дел од јавните здравствени установи ограничените кадровски и организациски капацитети влијаат врз динамиката на закажувањето и врз реализацијата на дополнителните дијагностички постапки и третман. Зголемениот обем на активности поврзани со скринингот во одредени случаи влијае врз достапноста на редовните дијагностички и контролни прегледи во радиолошките оддели, при што во дел од јавните здравствени установи е евидентирано намалување на бројот на редовни термини. Не е обезбедена целосна следливост на пациентките од моментот на скрининг до дополнителната дијагностика и третман. Податоците за понатамошното постапување не се систематски поврзани со податоците од скринингот, при што е евидентно ‘губење“’на пациентки кои го продолжуваат лекувањето во приватниот сектор, што ја ограничува можноста за целосна оценка на ефективноста на скрининг програмите.стовремено, не е обезбедена комплетност и усогласеност на податоците на официјалните институции за бројот на случаи и смртни исходи. Податоците од Регистарот за рак покажуваат дека бројот на случаи откриени преку скрининг е релативно низок, особено кај рак на дојка што укажува на ограничен ефект на програмите“, се вели меѓудругото во извештајот на ДЗР.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира