Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја осуди одлуката на САД за продолжување на рокот во кој на Русија ѝ е дозволено да продава нафта и покрај воведените западни санкции. Оваа мерка овозможува земјите да купуваат руска нафта и нафтени деривати што се веќе натоварени на бродовите до 16 мај.
Администрацијата во Вашингтон тврди дека отстапката е направена за да се ублажи недостигот на енергенси предизвикан од војната на САД и Израел против Иран. Поради нападите во регионот на Заливот, Иран практично го затвори Ормускиот теснец, клучниот премин низ кој се транспортира една петтина од светската нафта и течен гас. Ова доведе до превирања на пазарите и страв од светска рецесија.
Зеленски изјави дека секој долар платен за руската нафта се пари наменети за војната во Украина. Тој рече дека Русија користи „флота во сенка“ од над 110 танкери со скриена сопственост, во кои има повеќе од 12 милиони тони нафта. Украинскиот лидер оцени дека нивната продажба ќе му донесе на Кремљ заработка од 10 милијарди долари, што е ресурс кој директно се претвора во нови воени удари.
Одлуката на САД за олеснување на санкциите од 13 март беше критикувана и од европските сојузници на Украина. Американските власти во петокот рекоа дека сакаат да ја осигураат достапноста на нафтата за оние на кои им е потребна, додека се забрзуваат преговорите за прекин на војната. Сеопфатните санкции против Русија се на сила од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.



