Плач и лелек во судницата во Идризово се слушаше денеска кога родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ видоа всушност каде се забавувале нивните деца, не само на концертот на „ДНК“ на 16 март лани, туку и години пред пожарот.
Обвинителот Дарко Јакимовски меѓу стотиците фотографии од увидот по пожарот во кој загинаа 63 младинци и деца, а над 200 беа повредени, покажа и што имало всушност зад камуфлажата на тој пренаменет производствен погон уште од 2012 година – огромни плочи лим со кои биле херметички заковани прозорците одвнатре.
Тој лим не само што ги имал блокирано прозорците и оневозможил евакуација на гостите додека гореле живи внатре, туку како што кажа и обвинителот, со своето лесно и брзо вжештување, придонел температурата да се зголеми дополнително.
„Лимот и сунѓерот за звучна изолација се затоа што законот го пропишува тоа за угостителски објект од ваков вид“, ќе забележи адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственикот на оваа т.н. дискотека.
Според трагите од горливиот и негорливиот материјал, се развила температура од околу 800 целзиусови степени. Сите материјали, почнувајќи од полиуретанскиот сунѓер за звучна изолација на импровизираната дискотека, придонеле за брзо ширење на пожарот и за труење на гостите, млади луѓе и деца, во пренатрупаниот простор. Покривот бил со азбестни табли. Објектот бил обложен со стиропор, первол, дрвени елементи и гипс-картон што придонеле за брзо ширење на пожарот. Сунѓерот бил набавен во 2012 година, кажа Јакимовски.
Сепак тој неколку пати додека ги презентираше сликите и видеата потсетуваше дека не е ова градежното вештачење, туку се само фотографии и снимки од увидот по трагедијата. Деталите за овие смртоносни материјали поради кои дури над 80 отсто од загинатите се отруле и тоа се третира како насилна смрт, ќе ги презентира и објасни на судот и на јавноста градежен вештак, во посебно сослушување.
Денеска на судењето, родителите плачеа кога на фотографиите ќе се појавеа предмети или лични работи на нивните деца, што тие ќе ги препознаеја: патика, јакна, женска чизма на штикла, специфичен блузон…
Во кадар гламносан млад човек одблизу како лежи, во друг се појави починато неизгорено лице останато да лежи на грб, натаму момче со глава направило дупка во плоча од стиропор, обидувајќи се да најде излез. Фотографиите и видеата во дискотеката со само една тесна влезно-излезна врата, со тесни ходници, со тоалети со решетки на прозорците… со празни хидранти, без патокази за евакуација, без осветлени места за излез при пожар и други несреќи, во пренатрупан мал простор за 650 посетители, за кој продадените карти без фискални сметки не биле кинети, туку земани од гостите и носени на билетара како непродадени… се најтешката глетка од почетокот на ова судење на 35 обвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА



