ПОСКАПЕ ПАРКИРАЊЕТО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, ВТОРА КОЛА ЗА СТАНАРИ ОД 250 НА 500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, МЕСЕЧЕН БИЛЕТ ОД 2.000 НА 2.500 ДЕНАРИ

    ПОСКАПЕ ПАРКИРАЊЕТО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, ВТОРА КОЛА ЗА СТАНАРИ ОД 250 НА 500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО, МЕСЕЧЕН БИЛЕТ ОД 2.000 НА 2.500 ДЕНАРИОд ПОЦ велат дека овие цени не биле променети повеќе од четири години, а некои од нив и повеќе од една деценија (Фото: СДК.МК)

    ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) поскапе дел од картите за паркирање. Нови цени има за месечните билети, дневните припејд карти, пајакот  и за дел од услугите за станарите.

    Според новата одлука донесена на последната седница на Советот на Општина Центар, станарите за второ возило наместо 250 денари, ќе плаќаат 500 денари месечно, а за трето возило цената од 1.200 денари се зголемува на 1.500 денари месечно.

    Промени има во цените кај зонското комерцијално паркирање во зоните 1 и 2 во делот на дневните карти, кои поскапуваат за 100 денари, односно од 300 на 400 денари, дневните припејд карти поскапуваат за 200 денари, односно од 800 на 1.000 денари во зона 1 и од 700 на 900 во зона 2. Месечната мобилна бизнис карта, која ја користат правните субјекти, поскапува за 500 денари, од 2.000 на 2.500 денари.

    За вработените во деловните субјекти со седиште во опфат на некое од јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, цената се зголемува од 2.000 на 3.000 денари. За службените возила на правните субјекти на паркиралиштата од затворен тип месечната карта ќе изнесува 4.000 денари, односно поскапува за 1.000 денари.

    Пајакот поскапува за 500 денари, односно за подигната погрешно паркирана кола, сопственикот наместо 3.500 денари, ќе плати 4.000.

    Од ПОЦ велат дека главна причина за корекциите на дел од цените е воспоставување појасен, поправеден и поодржлив систем на користење на јавните паркиралишта.

    „При предложените измени беа земени предвид ставови и искуства добиени преку маалските средби одржани директно со жителите, отворени денови организирани од Општина Центар, како и мислења и препораки од искусни сообраќајни инженери и вработени со долгогодишно практично искуство во областа на паркирањето. Истовремено, при подготовката на новите решенија беа анализирани и позитивни практики од развиени европски градови, каде паркинг политиките се темелат на појасни правила, приоритет на жителите во местото на живеење, одржливо користење на јавниот простор и континуирани инвестиции во системот. Важен е и економскиот аспект, при што треба да се има предвид дека поголем дел од овие цени не биле променети повеќе од четири години, а некои од нив и повеќе од една деценија. Во тој изминат период, значително се зголемија оперативните трошоци, од одржување и опрема, до енергенси и работна сила, што директно влијае врз функционирањето на претпријатието“, велат од претпријатието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира