Жичницата на Водно нема да работи цело лето оти има ризик да падне гондола, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека 15 години откако е пуштена жичницата не бил направен сервис од производителот „Допелмаер“ и затоа има сериозни оштетувања кои може да доведат до трагедија.
Жичницата беше затворена на 25 април, со најава од ЈСП „Скопје“ кое стопанисува со неа дека нема да работи два дена, но по проверките што ги извршил тимот од австрискиот производител, градските власти одлучиле да не ја пуштаат повторно во сообраќај.
„Побарав да дојдат претставници на ‘Допелмаер‘ по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Билe барани понуди од фирмата, но за џабе. Ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола“, вели Ѓорѓиевски.
ЈСП „Скопје“ сега чекаат австриската фирма да им достави понуда колку ќе чини сервисирањето.
„Колку точно ќе трае сервисирање не можеме да кажаме , чекаме да ја добиеме понудата од ‘Допелмаер‘, но сигурно е дека летово нема да работи“, додава Ѓорѓиевски.
Минатата година четворица луѓе загинаа во неапол, откако се откачи кабина од жичница, а на Дурмитор во Црна Гора загина германски турист што испаднал од гондолата.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
А. АНТЕВСКА



