Уписот на идните првачиња започна од 4 мај и ќе трае до крајот на месецов. Во велешко треба да се запишат 511 деца. Тоа е за 45 деца помалку од лани. Нивните родители во меѓувреме се иселени, дали внатрешно, дали во странство. И од тие што требаше лани да тргнат на училиште 556 ученици, учебната година 2025/26 година ја започнаа 476 ученици, 80 помалку од родените.
Во Велешко основци се запишуваат во прво одделение во седум основни училишта, четири во градот и три во селата.
„Согласно законот за основно образование, во мај месец се врши упис на ученици во прво одделение за учебната 2026/27 година. Родителот, старателот на детето треба да донесе потврда за примени вакцини, за систематски, за офталмолошки и стоматолошки преглед, издадени од надлежни здравствени установи, како и извод од книгата на родени. Се запишуваат дека со навршени шест години и по барање на родител деца родени до 31 јануари 2021 година. Резултатите треба да се објават до 15 јуни“, кажа Верица Тодоровска-Дацева раководител на одделение за јавни дејности при Општина Велес.
Од минатата година започна реонизацијата, почитување на упис по адреса на живеење на родителот, која предизвика негодувања кај родителите.
„Од лани родителот има право и обврска да го запише детето во реонот во кој живеат и припаѓа. Училиштето е должно да ги опфати сите ученици. Исклучок е ако детето не може да следи настава на мајчин јазик, или ако има медицинска документација со која се докажува дека детето е потребно да следи настава во друго училиште поткрепено со психосоцијална или здравствена состојба“, вели Тодоровска-Дацева.
Од 4 мај во здравствените институции се вршат неопходните здравстени прегледи, во школска превентива се врши систематски преглед и вакцинација за децата идни основци и тоа со повикување со картичка по пошта, кај стоматолог се оди по договор во зависност од можностите на родителите, а кај офталмолог прегледите започнаа уште во средината на април. За децата да заминат кај овој доктор, потребно е да добијат мој термин од матичниот лекар.
П. ПЕЧКОВ



