Жителите на Водно денеска ја блокираа улицата Питу Гули и протестираа бидејќи Општина Центар не презема ништо за безбедно движење на пешаците. Како што рекоа жителите, тие секој ден стравуваат дали нивните деца безбедно ќе отидат и ќе се вратат од училиште бидејќи тротоарите се блокирани со коли па мораат да се движат по улица.
„Водно се третира како елитна населба и огромни цени по метар квадратен, а нема основни услови за безбедно движење. Децата од оваа населба не можат да се движат кон училиште и назад без да го ризикуваат животот. Тротоари на многу места нема, а онаму каде ги има,се узурпирани од возила, објекти, зеленило, контејнери. Пешачките премини се на кривини, невидливи и необележани. На оваа улица веќе има премногу сообраќајни несреќи со повредени пешаци, а ситуацијата е особено алармантна откако е воведен Безбеден град, па колите возат низ Водно за да ги избегнат камерите, но пребрзо и небрежно загрозувајќи ја безбедноста на сите луѓе“, рекоа жителите на Водно.
Велат дека Општина Центар, Град Скопје и Министерството за внатрешни работи се запознаени со овие проблеми кои се пријавувани неброено многу пати во текот на годините, а најскоро и преку медиумите.
„Дури постои и видео документација на изборни ветувања по ова прашање. Ниту еден конкретен чекор не е преземен, а службите се прогласуваат за ненадлежни. Одговорноста се избегнува, а децата продолжуваат да одат по коловозот“, додаваат граѓаните.
Од Општина Центар не добивме одговор на нашите прашања зошто ништо не се презема по ова прашање и дали Општината има во план да ги ослободи тротоарите од паркирани коли.
А. АНТЕВСКА



