Инсистирањето на Португалија да го задржи новиот систем за контрола на границите на ЕУ продолжува да ги фрустрира патниците кои ги користат аеродромите во Лисабон и Фаро. Во одредени моменти се создаваат огромни гужви на граничните контроли, па патниците чекаат и по 2,5 часа за да ја поминат пасошката контрола.
Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ на своите официјални социјални мрежи направи дури и квиз со кој се потсмева со вработените на аеродромот во Лисабон, велејќи дека летовите траат пократко од контролите.
Дел од прашањата се: „Кој е побавен: желка, полжав или граничната контрола на аеродромот во Лисабон?“, „Што ти треба за да ја поминеш граничната контрола во Лисабон: пасош, пасош и трпение или пасош, трпение, храна, наполнета батерија на телефон и да немаш други планови за тој ден?“, „Колку време е потребно за да се помине граничната контрола во Лисабон: долго, двојно подолго отколку летот или доволно долго за да се научи португалски?“.
На крајот од квизот, од „Рајанер“ велат дека португалската влада треба да го суспендира новиот систем за влез/излез (ЕЕС) сè до завршувањето на главната летна сезона. Во спротивно, патниците ќе бидат принудени да трпат прекумерно долго чекање во редиците за гранична контрола на португалските аеродроми.



