Во Општина Карпош не знаат кога ќе се врати на работа градоначалникот Сотир Лукровски кој втора недела е на боледување. Лукровски од пред десетина дена е на боледување и го овласти општинскиот советник од ВМРО-ДПМНЕ Неделчо Крстевски за заменик-градоначалник.
Одлуката на 7 мај беше објавена во службен гласник на Општината.
„Немаме најава кога ќе се врати од боледување градоначалникот Лукровски. Извештајот за боледување се доставува на работното место откако се затвора боледувањето“, ни изјави заменик-градоначалникот Крстевски.
- ЛУКРОВСКИ НЕ ПОДНЕЛ ОСТАВКА, ТУКУ Е НА БОЛЕДУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА КАРПОШ
-
ВМРО-ДПМНЕ ГО СТАВИ ЛУКРОВСКИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР, ВЕЛИ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАКИМОВСКИ
На Лукровски боледувањето од матичен лекар му истекува оваа недела.
Матичен лекар може да издаде боледување до 14 дена. До 7 дена боледување издава самостојно со проценка на состојбата на пациентот, а над 7 дена ако има здравствена документација пропратена од специјалист. Ако по истекот на овој период сè уште лицето не е способно за работа за продолжување на боледувањето одлучува надлежна лекарска комисија.
Фондот за здравствено осигурување прави контрола дали станува збор за лажни боледувања доколку тоа го побара работодавачот, како што беше случајот со контролите во Министерството за внатрешни работи.
Во случајов, проверка на боледувањето на Лукровски, Фондот треба да направи ако тоа го побара заменик-градоначалникот Крстевски.
Лукровски последен пат се појави во јавност на 4 мај на панихидата за смртта на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. Потоа во јавноста се појавија информации дека Лукровски сакал да си поднесе оставка бидејќи не се снаоѓал во функцијата, но од владејачката партија не му дозволуваат. Од Општината на 8 мај испратија официјално соопштение до медиуми во кое се вели дека градоначалникот не поднел оставка, туку е привремено отсутен поради здравствени причини.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каже дека Лукровски нема дадено оставка и ги обвини сите што прашуваа дали градоначалникот има има поднесено оставка дека се „политички глодари“ и „се ситат на неговата здравствена состојба“.
„Тој е на боледување. Во моментов во Општината има законски избран заменик-градоначалник кој што го заменува градоначалникот додека е на боледување поради одредени здравствени проблеми. Иако имаше и такви политички глодари кои што излегуваа и се ситеа на здравствена состојба на човек, јас нема да ги коментирам тие политички глодари. Му посакувам брзо опоравување на градоначалникот и што поскоро да се врати на својата работна позиција. Повеќе детали околу здравствената состојба ниту сум овластен, ниту би сакал да споделам“, кажа премиерот Мицкоски на 13 мај.
Ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека Лукровски не сака да раководи со Општината и место него, тоа го прават членови на партијата.
„Карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води Општината. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на Општината. Не може карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води Општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било“, вели Јакимовски во неговата изјава испратена до медиумите.
А. АНТЕВСКА



