ВМРО-ДПМНЕ го стави Сотир Лукровски во домашен притвор, вели ексградоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Градоначалникот Лукровски официјално од минатата недела е на боледување, а со Општината раководи членот на Советот на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ Неделчо Крстевски. Тој денеска дошол во Општината и одржал и состанок со раководителите на секторите.
Крстевски со овластување од Лукровски е назначен за в.д. градоначалник. Според решението кое е објавено во Службен гласник на Општина Карпош на 7 мај, Неделчо Крстевски ќе го менува градоначалникот во периодите кога тој е отсутен, а е назначен и за овластен потписник на сите сметки и финансиски документи на општината. Во документот се наведува дека тој ги има истите права и обврски како и градоначалникот.
Ексградоначалникот Јакимовски вели дека Лукровски не сака да ја води Општината и веќе си поднел оставка, но партијата не му ја прифаќа и сега на овој начин сакаат да останат да раководат со Карпош.
„Сега Лукровски не може да излезе од дома, го ставија во домашен притвор. Ако е болен треба да седи дома, да се лекува, ако излезе од дома ќе го видиме, некој ќе го слика. Колку ќе трае оваа боледување? Да се биде градоначалник воопшто не е лесна работа, а многу кандидати тоа не го сфаќаат. Сега Карпош ќе биде оставен да тапка во место“, вели Јакимовски.
Јакимовски вели дека сега градоначалничка плата ќе земаат и Лукровски, но и Крстевски.
„Неделчо Крстевски сега не може да биде член на Советот на Општина Карпош, не може да гласа за одлуките. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ немаат мнозинство во Советот“, додава Јакимовски.
Градоначалникот Лукровски денеска не одговараше на нашите телефонски повици.
Од Општина Карпош во петокот соопштија дека Лукровски не поднел оставка туку е на боледување.
Лукровски го победи Јакимовски со 1.000 гласови повеќе во вториот круг на локалните избори кои се одржаа лани во октомври. Лукровски освои 13.265 гласови, а Јакимовски 12.178.
А. АНТЕВСКА



