По признанието на референтката Јасмина Костадинова дека зела поткуп за да измести ранг-листа на апликанти за грант од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ (ИПАРД) за Македонија и пресудата од 10 месеци затвор што ја доби ,од кои 7 веќе ги помина во куќен притвор, денеска почна судењето за останатите 7 обвинети, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев.
Стоилев е обвинет дека за ветен подарок од 50.000 евра, потпишал лажирани бодови за фирмата на Насуфи и му овозможил добитно рангирање на листата на апликанти за ИПАРД-средствата.
Сега овие обвинети имаат тежок проблем, не само да се борат против доказите во обвинението, туку и против она што го призна Костадинова, која била многу важна алка во процесот на местење на ранг-листата за европската помош за земјоделците, за кое поединци давале мито на менаџментот на Агенцијата.
Според обвинението, едно лице е обвинето дека сторило кривично дело Давање поткуп и кривично дел Давање награда за противзаконито влијание, две лица дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание и на едно лице, директорот на Агенцијата Илија Стоилeв, му се става на товар кривичното дело Примање поткуп.
Првообвинет е Џевдет Насуфи, кој за 50.000 евра бил ставен на ранг-листата за средства од ИПАРД иако не ги исполнувал условите. Обвинети се и Илија Стоилев, Амет Фејзула, Фејзула Фејзула, Вангел Наневски, Марија Цветковска-Стојановска, Лилјана Стојковска и Андријана Андреевска-Стојановска,
Во воведниот збор ,обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Наташа Поптрајкова рече дека денеска почнува судење за нешто кое го разјадува и растура системот – корупцијата.
„Овие раководители место да ги чуваат европските пари и парите на граѓните, тие работеле за себе, за потпис од 50.000 евра, за заобиколување на законските процедури. Тука нема грешка, тука има свесно договарање да се изиграат законите. Тие го урнаа угледот на Македонија пред Европа”, кажа Поптрајкова.
Првообвинетиот Насуфи, како управител на кривично одговорното правно лице, аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД-програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.
Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.
Обвинетите, постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие при обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка.
Второобвинетиот во Обвинителниот акт Илија Стоилев, иако бил свесен дека правното лице на Насуфи не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Во овој предмет одземени се предметите употребени за извршување на кривичното дело: мобилни телефони, медиуми за складирање на дигитални податоци и парични средства и тоа 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.
С. К. ДЕЛЕВСКА



