Улицата Мирослав Крлежа кај зградата на Министерството за култура три месеци е раскопана. Општина Центар почна со реконструкција на улицата на 10 февруари, но нема абер за завршување на градежните работи.
Жители на околните згради кои се јавија во нашата редакција велат дека на улицата се работи со многу бавна динамика, а тие секој ден се гушат во прашина.
„Улица од 200 метри уште не е готова, замислете булевар да се правеше. Три месеци се прави слепа улица, биз никакво времено решение за станарите. Немаме каде да паркираме, секој ден дишеме прашина“, велат станарите.
- УЛИЦАТА „МИРОСЛАВ КРЛЕЖА“ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО СТАНУВА ПЕШАЧКА ЗОНА, ЌЕ ПАРКИРААТ САМО СТАНАРИТЕ
- СТАНАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ДОМА ОТИ УЛИЦАТА „МИРОСЛАВ КРЛЕЖА“ ВО ДЕБАР МААЛО Е БЛОКИРАНА СО КОЛИ
Од Општина Центар велат дека на улицата Мирослав Крлежа работите се одвиваат континуирано.
„Застој имаше единствено во периодот на чекање на одобрение од Град Скопје. Во досегашната фаза се изведуваше поставување подземни инсталации, атмосферска, фекална и водоводна мрежа и на електрични инсталации, при што се вклучени ЕВН и кабелските оператори. Во моментов се работи на набивање на подтлото, а во текот на наредната недела е планирано да се поставуваат завршните елементи. Во однос на воведувањето зона на смирен сообраќај, проектната документација е во тек и штом ќе биде одобрена, ќе се пристапи кон спроведување на терен“, велат од Општина Центар.
По завршувањето на реконструкцијата, паркирањето ќе стане резиденцијално, односно ќе можат да паркираат само станарите од околните згради. Оваа улица досега ја стопанисуваше ЈП „Градски паркинг“, но сега ќе ја преземе ЈП „Паркинзи Општина Центар“ и ќе се воведе новиот режим за паркирање.
А. АНТЕВСКА



