Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со понудена гаранција на осомничениот ексдиректор на Царинската управа Стефан Богоев, изјавена против решение на судија на претходна постапка од 4 јуни годинава со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот. Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, соопшти судот.
Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од Законот за кривин постапка (ЗКП) односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница. Ако осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство, вели судот.
Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 4 јуни донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, извршени во периодот од јули 2023 до март 2024 година.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев, тогаш во својство на службено лице директор на Царинската управа, С. М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д. Г. во својство на овластено лице во фирма, А. С. во својство на вработено лице во правното лице и против една фирма, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, од член 275-в од КЗ на РСМ, Примање поткупод чл.357 од КЗ на РСМ, Давање поткуп од чл.358 од КЗ на РСМ и Примање награда за противзаконито постапување од чл.359 од КЗ на РСМ.
Сите осомничени се поранешни функционери. Богоев беше и поранешен градоначалник на Карпош и потпретседател на СДСМ.
Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година, пријавените свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка „Надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка, на начин што, пријавениот Богоев влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С. М., како помошник-директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари.
„Пријавениот А. С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д. Г., влијаеле кај пријавениот С. М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот Богоев за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат. Во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, Богоев директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С. М.“, наведе Финансиската полиција во пријавата.
И Обвинителството вели дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износот што го наведува Финансиската полиција.



