Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во новото истражување на јавна набавка утврди незаконитости од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) и укажува на можно местење на тендерот за избор на економски оператор за евакуација со авиони на македонските државјани за време на воените операции на Блискиот Исток во март, по почетокот на војната на САД и Израел со Иран.
Според деталната анализа на ЦГК, евакуациските летови од Дубаи и Ријад во март 2026 се платени авансно пред летовите, наеднаш во 3 транши во износ од еден милион евра, што е спротивно на Законот за јавни набавки кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20% од вредноста на договорот. Авансните плаќања не биле обезбедени со банкарска гаранција како што предвидува Законот и не биле однапред предвидени во тендерската документација.
За евакуација на македонските државјани заглавени во воениот регион, Министерството на 4 март ,по работното време, во временскиот период од 15:57 до 17:28 часот до 9 фирми испраќа барање да достават понуда следното утро до 11:00 часот. Произлегува дека фирмите требало да достават понуда за помалку од едно деноноќие. Испратени се понуди до 9 економски оператори, на нивните општи контакт-адреси. Не се јасни критериумите врз основа на кои МНР ги избрало токму овие девет фирми, со оглед на тоа што ниту една од нив нема тековен договор за обезбедување авионски услуги со некоја државна институција. Дополнително, не е јасно зошто во листата на фирми од кои биле побарани понуди не се нашле најрелевантните оператори за кризното подрачје, компаниите „ФлајДубаи“ и „ФлајНас“.
Контактирани биле компаниите: Аеронаутички Регионален Центар Скопје, „Туркиш ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Визер“, ДПТУ „Нова Травел-МС ДОО Струмица , „Aурора турс“ Скопје, „Пегасус ерлајнс“, ТА „Кондор“ Скопје и ТА „Папилон“ Скопје. Во дадениот кус рок ниту една од контактираните 9 компании не се јавила.
По овој неуспешен прв повик, МНР ја поништило постапката и истиот ден, на 5 март, се обратило само до една компанија, „Авиалог“ Скопје, за која МНР тврди дека дознала оти е претставник на „ФлајДубаи“, но доставило картичка која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
Фирмата „Авиалог“ доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување на договор, издавање на фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од МНР.
„Провизијата која ја добила фирмата со која МНР го склучила договорот не е јавно достапен податок, бидејќи МНР отстапило од вообичаениот концепт на договори за јавна набавка на авионски карти и изнајмување авион. Во нив вообичаено се наведува агенциската провизија која се наплаќа над цената на авионската карта или изнајмениот авион. Почетно, МНР проценило дека евакуацијата на македонските државјани ќе чини 60 милиони денари (над 970.000 евра). Единствената понуда која ја добило изнесувала 59.799.900 денари (над 967.000 евра), односно пониска само за 0,33%. Цената на превозот по авион изнесувала 211.000 евра по лет за изнајмениот авион од ‘ФлајДубаи’, модел ‘боинг 738-макс’, и 260.000 евра за авионот на ‘ФлајНас’ со модел ‘ербас А- 320’, со вклучено ноќевање и автобуски превоз“, откри Центарот за граѓански комункации.
Покрај тоа што имало речиси идеално вклопување на утврдената цена од МНР и единствената понудена цена за прелетите, со само околу 3.000 евра разлика, чудна е и брзината на дејствата и плаќањето со буџетски пари за услугите. Истиот ден кога е доставена понудата (6 март 2026) МНР го склучува договорот со „Авиалог“ Скопје. Истиот ден „Авиалог“ ја изготвува првата фактура за првите 2 лета Дубаи-Скопје со наведување на датуми за нивна реализација – 8 и 11 март 2026. Истиот ден, 6 март, МНР ја плаќа фактурата. Вториот лет се реализирал на 10 март, но во фактурата останува првичниот датум.
Ова е незаконито, бидејќи е во спротивност со условите наведени во тендерската документација, каде децидно било наведено: „Договорниот орган ќе изврши исплата во најкраток рок по извршување на услугите и доставување на фактура до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија“.
Во одговорот што го добил ЦГК кој е „Авиалог“ ДООЕЛ Скопје, МНР вели дека е претставник на „ФлајДубаи“, бидејќи според податоците од македонската амбасада од Абу Даби само „ФлајДубаи“ има можност да организира летови од Дубаи кон Европа, а која воедно организира летови и од Ријад кон Европа.
ЦГК вели дека како доказ за поврзаноста меѓу „Авиалог“ и „ФлајДубаи“, МНР доставило картичка за ангажман во „ФлајДубаи“, која му припаѓа на физичко лице – основач на „Авиалог“, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
„Имено, според податоците во Регистарот на вистински сопственици, фирмата ‘Авиалог’, носител на договорот, е 100 % во сопственост на физичко лице од Македонија. Притоа, и во самата понуда и во издадените фактури фирмата носител на договорот не се повикува на никакво претставништво и поврзаност со ‘ФлајДубаи’, дотолку повеќе што за евакуациските летови се користени и услуги на авиокомпанијата ‘ФлајНас’“, укажува ЦГК.
„Авиалог“ требало да ги плати летовите од свои средства и потоа овие трошоци да ги покрие по наплатата на фактурата. Но, поставувањето на едни услови во тендерската документација и потоа нивно менување во договорот не е во согласност со Законот за јавни набавки и ги изигрува останатите економски оператори, вели ЦГК.
Патници се превезени со 4 лета – три од Дубаи до Скопје и еден од Ријад до Приштина. Произлегува дека цената на евакуација по патник од Дубаи изнесувала 1.548 евра, а од Ријад по 1.960 евра. Иако договорот за јавна набавка предвидува евакуација на македонски државјани, превезени се и 42 странски државјани од соседните земји.
С. К. ДЕЛЕВСКА



