АКО ДИРЕКТОР ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЗЕМА МИТО 100.000 ЕВРА, МОЖАМ ДА ЗАМИСЛАМ КОЛКУ ЗЕМА МИНИСТЕР, РЕЧЕ АПАСИЕВ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА НА ТРИПУНОВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    АКО ДИРЕКТОР ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЗЕМА МИТО 100.000 ЕВРА, МОЖАМ ДА ЗАМИСЛАМ КОЛКУ ЗЕМА МИНИСТЕР, РЕЧЕ АПАСИЕВ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА НА ТРИПУНОВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕНајгласен во бранењето беше пратеникот Малиша Станковиќ, чиј сопартиец од Социјалистичката партија Васе Анакиев, директор во Министерството за земјоделие, беше фатен во зградата на министерот како зема поткуп од 50.000 евра (Фото:СДК.МК)

    Пратениците цел ден расправаа по интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кому СДСМ и Левица не само што му забележуваат за корупцијата во неговиот ресор и митото од бележани 50.000 евра фатено во гаражата на зградата кај што живее, туку и за катастрофалната состојба во земјоделието и останатите две области, шуми и вода.

    На крајот, со 62 гласови “против”, 21 „за“ и ниту еден воздржан, Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот Цветан Трипуновски.

    Пратеникот Димитар Апасиев од говорницата кажа дека Трипуновски не е министер на земјоделците, туку министер на кванташката мафија. Пред да наведе со бројки колку всушност во моментов малку се обработува земјоделското земјиште поради немање систем, колку малку водни станици има и дека само 4 проценти од вкупната површина се наводнува од државните системи и оти шумската мафија пустош направи со дива сеча и шверц на дрвја, тој го оквалификува како најнепознат и „најбескрвен министер за земјоделие досега“.

    Апасиев нашол официјален податок дека јавното шумско претпријатие од сечата има профит од само 190.000 евра . „Па кафич да отворевте ќе дадеше поголема заработувачка“, рече тој.

    Лидерот на Левица додаде и:„Кога директор во Министерство за земјоделие зема мито од 100.000 евра, можам да замислам колку зема министер, може милиони“.

    Интерпелацијата за Трипуновски ја поднесе СДСМ и во репликите, пратениците од владејачкото мнозинство бранејќи го својот министер од ВМРО-ДПМНЕ отвораа расправа за ексминистерот за земјоделие Љупчо Николовски, нарекувајќи го арамија.

    Николовски го образложи барањето за одговорност на Трипуновски, нагласувајќи дека е поради сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдена со апсења на високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес, но и, како што се посочува, поради суспензијата на ИПАРД 3-програмата и посебниот судски процес што се води за организирана криминална шема за фалсификувано бодување на ранг листата за добивање средства од оваа европска програма.

    Тука најгласен беше пратеникот Малиша Станковиќ, чиј сопартиец од Социјалистичката партија Васе Анакиев, директор во Министерството за земјоделие, беше фатен во зградата на министерот како зема поткуп од 50.000 евра. Во таа зграда не живее Анакиев, потврди Обвинителството.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кога ќе станеше збор за корупцијата во ова министерство, одвраќаа: „Не сте навикнале на борба со криминал и на апсење на ваши луѓе, затоа ве боли“.

    Најмногу критики од опозицијата имаше за намалените субвенции и особено за неисплатените, што е спротивно на предизборните ветувања.

    „Ветувавте повеќе субвенции, а земјоделците добија помалку. Ги лажевте земјоделците дека субвенциите ќе бидат исплатени во март, па во април, па во мај. Денес сме 10 јуни, а многу земјоделци сè уште немаат добиено ниту денар на своите сметки. Субвенциите за овци доцнат 10 месеци. Владата ги скрати субвенциите за тутунот и предизвика гнев кај тутунарите. До каде се премиите за тутунот? До каде се субвенциите коишто треба да ги исплатите за 2025 година? За сточарите, за градинопроизводителите, за сè она што не е исплатено. Министре Трипуновски, кога ќе ги исплатите и субвенциите за говедата коишто ги скративте? Чувствувате ли потреба за реализирање на исплата кон оваа категорија на земјоделци коишто се неисплатени, имаат и намалена цена на млекото за 10 денари“, го праша Николовски и додаде дека првпат се случи Владата со ребаланс на буџетот да скрати од поддршката за земјоделците.

    Николовски го обвини Трипуновски дека наместо да ги заштити малите земјоделци, ги намалува нивните можности за субвенции, а за сметка на тоа ги концентрира субвенциите кај мал број привилегирани корисници.

    „Вие ветувавте повеќе субвенции, земјоделците добија помалку, ветувавте сигурен откуп, а земјоделците добија пониски цени, ветувавте нови инвестиции, земјоделците добија блокиран ИПАРД. Ова претставува сериозен удар врз довербата во европските фондови и врз кредибилитетот на институцијата, кој е граден и во кој сме биле лидери последните години, потврдено со официјален документ на Европската комисија. Кога земјоделците протестираат за субвенции, кога сточарите ги затвораат фармите, кога лозарите, оризопроизводителите, градинарите и сите други бараат заштита од државата, тогаш проблемот не е кај земјоделците“, рече Николовски.

    Трипуновски му одговори дека во ресенско јаболката повеќе не плутаат на Преспанското Езеро, зелките не се тркалаат низ струмичките ниви како во време на министерувањето на Николовски. Возврати со обвинување дека во 2022 и 2023 година Министерството објавило и спровело јавен повик за финансиска поддршка на микропроизводители на вино, распределило над 100 милиони денари, но во постапката била заобиколена Агенцијата која е надлежна да спроведе ваков повик.

    „Поднесена е  кривична пријава поради тоа што Mинистерството иако го раскинало договорот за закуп не доставило примерок до Агенција за Катастар на недвижности за бришење на правото на сопственост. Заради непостапување и недоволна координација со Агенцијата,  по раскинувањето на договорот продолжила исплатата на финансиска поддршка, при што во периодот од 2021 до 2023 година на закупецот му биле исплатени над 19 милиони денари“, рече Трипуновски и го обвини за незаконско склучување на, како што рече, 19 договори за закуп на државно земјоделско земјиште со правно лице, со вкупна површина од над 1.400 хектари.

    „Дополнително, закупецот имал обврска да инвестира над 2,5 милиони евра, но реализирал помалку. Дел од земјиштето било користено од трети лица без правен основ, што укажува на несовесно управување со закупениот имот“, тврди Трипуновски.

    Трипуновски, но и сопартијците по него, зборуваат дека кога ја презел функцијата, затекнал хаотична состојба, нерешени предмети, хаос во институциите, наталожени проблеми, неисплатени плати во јавните претпријатија…

    Николовски од СДСМ аргументираше со бројки за неискористени европски пари, за неуспешно водење на ИПАРД-програмата, а Трипуновски за слаба реализација на кредит од 46 милиони евра.

    Дискусиите што следеа потоа, предизвикуваа чувство дека се одвива натпревар во докажување кој повеќе ги зафркнал земјоделците, но и да се запраша и последниот земјоделец и сточар дали вреди во оваа држава да се занимава со ова толку благородно производство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира