ВРАБОТЕНИОТ ШТО ГО ХРАНИ МАЈМУНОТ ВО ЗООЛОШКА ЗЕМА ДВОЈНО ПОГОЛЕМА ПЛАТА ОНОЈ ШТО ГИ НЕГУВА ДЕЦАТА ВО ГРАДИНКА, РЕЧЕ БИТОЛСКИОТ СОВЕТНИК КУЗМАНОВСКИ И ПОБАРА ИЗЕДНАЧУВАЊЕ

    ВРАБОТЕНИОТ ШТО ГО ХРАНИ МАЈМУНОТ ВО ЗООЛОШКА ЗЕМА ДВОЈНО ПОГОЛЕМА ПЛАТА ОНОЈ ШТО ГИ НЕГУВА ДЕЦАТА ВО ГРАДИНКА, РЕЧЕ БИТОЛСКИОТ СОВЕТНИК КУЗМАНОВСКИ И ПОБАРА ИЗЕДНАЧУВАЊЕКузмановски истакна дека зоонегувателите треба да земаат солидна плата со оглед на трудот и ризиците од работа што ги имаат, но општеството треба да води грижа и за платите на кадрите кои се ангажирани да се грижат за децата во градинките. (Фото: СДК.МК)

    „Сурова е реалноста, да знаете дека денес оној што ќе го нахрани двапати мајмунот ќе земе двојно повеќе плата од тој што ќе го храни, преслекува, облекува и ќе го носи во тоалет вашето дете во градинка“, рече советникот Димитар Кузмановски од ЛДП на дискусијата за завршната сметка на Зоолошката градина во битолскиот Совет.

    Коментарот следуваше откако пред неколку дена на Комисијата за финансии, директорот на Зоолошката, Жарко Тренковски, изјави дека платите на вработените се повеќе од задоволителни, посочувајќи дека бруто примањата на еден зоонегувател достигаат од 90.000 до 100.000 денари. На ова и претседатлот на Советот, Бојан Бојкоски, искоментира: „Како во Парламентот да работат или да се министри, браво!“

    Кузмановски истакна дека зоонегувателите треба да земаат солидна плата со оглед на трудот и ризиците од работа што ги имаат, но општеството треба да води грижа и за платите на кадрите кои се ангажирани да се грижат за децата во градинките.

    „Зоонеговател зема над 90.000 денари бруто плата или околу 60.000 нето, има и ноќна смена, дополнително може да гледа и телевизија зашто, како што кажа директорот, има ТВ приклучок и слободен простор, во ноќна смена имаат и храна, што е супер. Од друга страна, дали знаете колкава плата зема неговател во градинка на околу 35 деца? 30.000 денари нето. Не дека не треба зоонегователот да зема толку, треба, но треба оние што ги гледаат нашите деца да земаат многу поголема плата. Тоа како општество мора да го промениме. Би можело градинките, бидејќи имаат слободни средства, да ги стимулираат примањата на негователките. Како општество и тоа како треба да размислиме, не може мајмуните да ни се поважни од нашите деца“, рече Кузмановски.

    Советничката Софија Ристевска од СДСМ кажа дека на овие работници основна нето плата им е 49.500 денари, а зголемувањата доаѓаат преку дополнителен ангажман во ноќна работа, работа за време на празници и други законски додатоци. Во месеците кога нема празници и дополнителни ангажмани нивните примања се значително пониски.

    Директорот Тренковски рече дека Зоолошката градина функционира со 8 зоонегователи кои работата во три смени. Во инстутуцијата повеќе од 20 години немаше вработувања, а сега се обезбедени 12 нови согласности за вработување, кажа тој.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира