ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ЌЕ БИДЕ СОСЛУШАН КАКО СВЕДОК-ЗАСТАПНИК НА ВМРО-ДПМНЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАВРЕДИТЕ И ЗАКАНИТЕ КОН ЕКСОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА

    ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ЌЕ БИДЕ СОСЛУШАН КАКО СВЕДОК-ЗАСТАПНИК НА ВМРО-ДПМНЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАВРЕДИТЕ И ЗАКАНИТЕ КОН ЕКСОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКАРистоска, која пред да си поднесе оставка беше изложена на напад и мобинг од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од нејзиниот лидер Мицкоски, со тужба против партијата бара 300.000 денари отштета, од кои пола за клевета и половина за навреда против неа во соопштението со кое партијата дополнително ја навреди и нападна. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски во октомври ќе биде сослушан како сведок-правен застапник на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, против која поранешната обвинителка Ленче Ристоска поднесе тужба по објавеното партиско соопштение од 14 октомври 2025 во кое ѝ предвидува нејзин „крај“.

    Ристоска, која пред да си поднесе оставка беше изложена на напад и мобинг од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од нејзиниот лидер Мицкоски, со тужба против партијата бара 300.000 денари отштета, од кои пола за клевета и половина за навреда против неа во соопштението со кое партијата дополнително ја навреди и нападна.

    Ристоска ги водеше предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, но ѝ беа одземени и дадени на други обвинители, по што таа веднаш си поднесе оставка од функцијата обвинител и оттогаш е невработена.

    Мицкоски може да го избегне соочувањето со Ристоска, ако се тргне од правен застапник на партијата и на негово место стават друг.

    ВМРО-ДПМНЕ на 14 октомври 2025 напиша соопштение во кое се потсмева дека Ленче Ристоска, која ја нарекува „поранешната ѕвезда“ на пропаднатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), последна имала право да зборува за плати, правда и морал.

    „Јавноста добро се сеќава на времињата кога Ристоска и нејзините колеги користеа службени картички, патувања и дневници со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети. Од обвинителство кое требаше да биде симбол на борба против криминалот, направија партиска испостава на СДС и ДУИ што соработуваше со луѓе од другата страна на законот. И сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува – замислете – клеветнички кампањи и анимозитет. Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин“, стои во соопштението објавено на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Во одговорот на нашата тужба, тужената страна се повикува на јавен интерес во делот на ‘бонуси на СЈО’ како легитимно прашање за отворање на дебата од јавен интерес. Не може да станува збор за јавен интерес, бидејќи соопштението не е насочено на институцијата и работата на институцијата, туку е индивидуализирано кон тужителката со содржина како ‘тажен симбол на неправда, отсуство на срам, користење на службени картици во служба на Заев и Груби, партиска испостава на СДСМ и ДУИ
    и луѓе од другата на страна на законот’, имплицирајќи на криминалци. Својот аргумент тужениот дека станува збор за јавен интерес и дека мора да трпи висок степен на критика се повикува на предметите Морис против Франција и Ван Кик против Германија но истото не наоѓа примена во овој конкретен случај. Заштитениот говор на Морис, адвокат кој учествува во кривична постапка во која што изнесува одредени системски аномалии, е во дел од процесниот закон во формација. Тужениот е политичка партија, обвинета во кривична постапка во која тужителката го застапува обвинението, па соопштението е индивидуално насочено кон неа и со него освен притисок, се врши и дискредитација кон неа. Тужителката како јавен обвинител, а во заштита на интегритетот на постапката има многу мала маргина на дејствување.
    Судот треба да го земе предвид ограничувањето на заштитата и непристрасноста на судството. Неспорно е дека тужениот е политичка партија која ужива висок степен на политички говор но таа симетрија не може да се искористи затоа што нападот не е кон политички изразена личност која води политика битка, туку нејзиното дејствување е во насока на заштита на имотот на државата и поради тоа маргината на критика кон неа ужива многу поголема заштита. Она што теба да се заклучи е дека во делот на клевета постојат недокажани фактички тврдења дека таа користела службена картица во служба на Заев и Груби, дека таа направила лична партиска испостава на ‘сдс и дуи’. Ваквите тврдења не може да се поведат во вредносни судови туку на факти. Факти кои ниту се презентирани во јавноста ниту во оваа постапка има докази во тој поглед”, кажа адвокатот на Ристоска во однос на клеветата.

    Откако го цитираше ова, адвокатот на Ристоска рече дека за таа импликација нема фактичка основа.

    „Формата е екцесна и понижувачка што ја исклучува заштитата на говорот. Иако товарот на докажување е на страна на тужителот сметам дека со ваквите изјави и дисиминација на факти, товарот на докажување треба да биде префрлен на тужениот“, додаде адвокатот, според кого содржината на соопштението содржи понижувачка форма на изразување, изнесување на невистинити и непроверени информации и може да се заклучи дека единствена намера е да ѝ наштети и да ја ослабне тогашната позиција на обвинителката која водела постапка против тужената ВМРО-ДПМНЕ.

    Постои сериозна повреда на честа и угледот на тужителката овој начин на напад преку изнесување на лични инфивидуални напади кон неа, не смее да добие третман на заштитен говор, речче адвокатот.

    Адвокатката на ВМРО-ДПМНЕ предложи материјални докази, но не и вербални. За сослушување на сведоци, рече, остава на судот да одлучи. Го оспори тужбеното барање и предложи да биде одбиено во целост како неосновано.

    „Појаснувам, станува збор за сооопштение дадено од политичка партија со кое се отвора дебата за едно сериозно јавно прашање, што претставува основно загаранторантирано право за слобода на изразување со ставање акцент за покренување дебата за прашања кои ја засегаат целата јавност. Тоа се прашања за поранешното СЈО кое во пракса не ја исполни задачата и ги разочара грѓаните”, рече адвокатката на партијата.

    „За целото СЈО е ставот?”, праша судијката.

    „Да, за целото”, одговори адвокатката.

    „Добро, а зошто е посочена Ристоска?”, праша судијката.

    „Наведено е само Ленче, без Ристоска. Се алудира на целата институција, фокусот не е лично на неа со име и презиме. Таа за време на СЈО и потоа, излегуваше со изјави, а и како обвинител во предметите против субјектот што го гонеше, а тоа е редок случај на отворен судски конфликт меѓу обвинител и странка и отвора сериозни прашања за професионална непристрасност. Таа не го гледа целокупниот контекст, селективно ги вади изнесените ставови. Бонусите беа јавно прашање за тоа колкави средства биле наплатени на име бонуси, па дури за сето тоа беше покрената и постапка”, рече адвокатката.

    Адвокатката рече дека за нивното повикување на случајот Ван Кик, тоа е направено во однос на критериумите што ги користи Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за правото на приватен живот и правото на тужениот на слобода на изразување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира