АПСЕЊЕТО НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО НА БАРАЊЕ НА СЈО БИЛО ЗАКОНСКО, ОДЛУЧИЛ ВРХОВНИОТ СУД

    АПСЕЊЕТО НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО НА БАРАЊЕ НА СЈО БИЛО ЗАКОНСКО, ОДЛУЧИЛ ВРХОВНИОТ СУДТемелко е еден од главните осомничени во најобемната истрага на СЈО, која е при крај и за која ова обвинителство најави обвинение. - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кривичниот совет на Врховниот суд составен од петмина врховни суди, одлучил дека лишувањето од слобода на осомничениот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко на 12 февруари лани, на барање на Специјалното јавно обвинителство, било законско. Одлуката ќе биде потпишана и објавена следните денови, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
    Одлуката за Темелко е по Барање заштита на законитоста на постапката поднесено токму од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода.
    Затоа Кривичниот суд потоа не одобри мерка притвор за Едмонд Темелко, еден од главните осомничени во првата и најобемна истрага што ја поведе СЈО по број на осомничени. „Титаник“ се однесува на сомневања за изборни нерегуларности вршени во 2013 година.
    Специјалната обвинителка Катица Јанева во рана фаза од постапката побарала Врховниот суд да пресече дали обвинителот од СЈО бил во право во случајот со приведувањето на Темелко, или пак Кривичниот суд, кој тврди дека осомничениот незаконски бил лишен од слобода.
    „Врховниот суд смета дека обвинителот од Специјалното јавно обвинителство правилно го применил законот, бидејќи станува збор за специфична постапка. Осомничениот има двојно државјанство, два пасоша, македонски и пасош на Република Албанија, па оттаму основани се  сомневањата на обвинителот за опасност од бегство, дека можеби ќе станел несдостапен и нема да даде изјава“, објаснуваат дел од врховните судии кои ја донеле одлуката во корист на СЈО.
    Одлуката е донесена пред повеќе од два месеца, но уште не е потпишана и објавена. Треба да ја потпише тогашната претседателка на Кривичниот совет Лидија Неделкова. Со судиите кои разговаравме, ни објаснија дека токму поради тоа што се работи за специфичен случај, одлуката треба да е внимателно напишана, зашто отсега како судска и обвинителска пракса, ќе важи во сите вакви случаи на лишување од слобода на осомничени со двојно државјанство. Велат, одлуката за Темелко ќе содржи и поука.
    Темелко е еден од главните осомничени во најобемната истрага на СЈО, која е при крај и за која ова обвинителство најави обвинение. Од аудио снимките од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ можеше да се слушнат неколку разговори помеѓу високи државни службеници за тоа како Македонци, жители на Пустец, Албанија, гласаат во Македонија со лични карти. Стотина од нив, како жители на само две-три адреси во Скопје, гласале во општина Центар.
    Во „Титаник“ е осомничен дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет на партијата, но осомничени беа и 4 членови на ДИК, пет судии од Управниот суд, членови на Општинската изборна комисија Чаир, а пред околу еден месец, СЈО ја прошири истрагата за уште 17 лица.
    Темелко се жалеше дека бил уапсен во неговата куќа во Ресен, дека полицијата по налог на СЈО упаднала во пет часот изутрина и го апселе без судски налог пред малолетното дете.
    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира