Деца со попречености од Пелагонија тренираат фудбал, кикбокс, карате, кошарка и други спортови под водство на петмина тренери кои добија меѓународни сертификати по обуките минати во Португалија и Шпанија преку проект финансиран од Европската Унија.
Тие се стекнаа со современи методологии на работа и вештини за примена на инклузивни и адаптивни спортови. Станува збор за докажани спортски професионалци: македонската шампионка во кикбокс Леа Бошевска, тренерот во кикбокс Тони Бошевски, професорот по физичко воспитување Марјан Љамчевски, кошаркарот Мико Голубовиќ и првакот во бодибилдинг Борче Стојановски. Знаењата сега ги применуваат во клубови и спортски здруженија во Македонија, работејќи со деца и млади со попречености.
„Додека траеја обуките во странство, видов дека децата тренираа на еден организиран начин, го познаваа теренот, за нив тоа беше начин на живот, навика. Кога се вратив тука, мислев дека сум подготвена да ги тренирам овдешните дечиња. Но, се соочив со предизвици. Секое дете кога одеше на тренинг се чувствуваше различно, како да не припаѓа во таа средина. Но, ние се потрудивме прво да изградиме доверба помеѓу нас и децата. Јас ги научив нив, но и тие мене дека успехот не доаѓа од резултатот кој ние го гледаме, туку од секој нивни тренинг. Кога ќе видите дека едно дете доаѓа со насмевка, сака да тренира, да направи нешто што не го правело, се чувствувате среќни и знаете дека секој ваш вложен труд вреди’, вели Леа Бошевска од kикбокс клубот „Самурај“.
Децата тренираат кикбокс и карате во клубот „Самурај“, фудбал во фудбалскиот клуб „Демир Хисар“, а кошарка преку здружението „Нов видик“ од Битола.
„Во Португалија ми беше првпат да работам со деца со попреченост. Кога се вративме во Битола, одржавме неколку тренинзи со децата. Сите сме исти, но имаме различни способности. Јас тренирав една поголема група од шест дечиња и помала од четири. Одржавме неколку тренинзи и се надевам дека тука нема да застанеме, ќе продолжиме со оваа пракса и ќе оформиме и клуб, каде тие дечиња ќе имаат редовна физичка активност. Мислам дека дел од дечињата првпат дојдоа во допир со фудбалот, а, сепак, се снајдоа во тој спорт“, вели Марјан Љамчевски, од неодамна лиценциран тренер за лица со попреченост.

Проектот „Никој зад“, кој деновиве имаше и завршна конференција во Битола, е реализиран преку Еразмус програмата за спорт. (Фото: СДК.МК)
Спортот е од голема важност за лицата со попреченост, зашто им ги подобрува физичката подготвеност и здравјето, создава здрави навики кај нив, ги зголемува самодовербата, мотивацијата и самопочитта, ја намалува анксиозноста, а инклузивниот спорт ги руши стереотипите и бариерите и ја поттикнува социјализацијата.
„Проектот беше доста позитивен за децата, јас сум родител на дете со попреченост. Моето дете го посетува кикбокс клубот ‘Самурај‘. Со тоа доби сенс, мотивација и самодоверба. На часот по физичко во училиште децата се редат во права линија. Со неговата вклученост во активностите во проектот, и тоа почна да се вклучува на часот по физичко. Да се реди по линијата, да трча во круг и да изведува физички вежби. Повеќе спортски здруженија би требало да се активираат и да ги користат мерките од Општината за децата со попреченост да бидат активирани во спортот“, рече Билјана Стефаноска, родителка.
Проектот „Никој зад“, кој деновиве имаше и завршна конференција во Битола, е реализиран преку Еразмус програмата за спорт. Со тренинзи беа опфатени 180 деца и млади со попречености од Европа. Координатор беше Центарот за активни млади од Битола, а целта е вклучување на младите со попреченост и создавање инклузивни и рамноправни општества. Проектот паралелно промовираше активен живот и современи спортски политики. Во негови рамки испечатен е и прирачник за инклузивни и адаптивни спортови.
„Прирачникот ќе послужи не само за спортистите и тренерите, туку и за спортските организации и општините кои сакаат да имплементираат инклузивни политики. Содржи практични примери за активноста да биде секогаш насочена кон личноста со попреченост, а не обратно, личноста да се насочи кон активноста, што е многу важно. Пораката е да се фокусираме на способностите на лицата со попречености, а не на попречувањето“, рече Гордана Цветковска-Бошевска, координаторка на проектот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



