Поранешните долгогодишни владејачки партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ жестоко се скараа, после дискусите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и Илија Димовски кои го обвинија ДУИ дека се неспособни и дека својата неспособност ја правдале пред граѓаните криејќи се зад ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека дека не е добро ДУИ да ја крие својата неспособност зад ВМРО-ДПМНЕ, а на говорот на Димовски се надоврза Милошоски кој рече дека секогаш кога гласачите на ДУИ во Чаир, Кичево, Тетово, Липково ќе ги прашале ДУИ зошто не направиле ништо за нив, се ваделе дека не дава ВМРО-ДПМНЕ.
Антонијо Милошоски раскажа дека на некој пратеник на ДУИ им кажал оти за да стане Црвенковски претседател, на ДУИ им го отстапил со територијалната поделба Струга, Долнени, Кичево и Скопје да станат двојазични. Тој го повтори обвинувањето на Илија Димовски дека од ДУИ пред своите гласачи секогаш се правдале со ВМРО-ДПМНЕ.
„Својата неспособност ја вадевте зад ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не е чесно кон вашите гласачи“, рече Милошоски.
Пратеникот Џеват Адеми на говорот на Милошоски бурно реагираше и го праша каде тоа ги продале Струга и Кичево.
“Каде сме ги продале? Каде? Во Курдистан? Таџистикан? Албанија? Косово? Бугарија? Косово? Грција? Ама се слушате вие што зборувате? Го продадоа градот? На кого?“, праша Адеми од собраниската говорница и додаде: „ Ако некој мој колега смета дека со политички договор ќе се продаде некој град каде градоначалник ќе биде Албанец, ова веќе е ментален проблем, не само концепциски“.
Џеват Адеми ги обвини довчерашните партнери дека плачат оти нема да бидат на власт.
„Коалиција значи да ги здружиш силите кога не можеш сам. ДУИ направи да се дојде до „Мајскиот договор“, за кој викате дека го немаше. Да, го имаше. Ама ДУИ не плачеше. Ова што го гледам овие четири дена богами се повеќе и повеќе ми личи на плачење по власт“, рече Адеми во репликата до Милошоски
По дискусијата на Адеми атмосферата во собраниската сала се вжешти, па претседавачот Вељаноски даде получасовна пауза за да се смират страстите.