БОЛНИЦАТА ВО ЛЕШОК ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ИМА НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА НАСКОРО ЌЕ ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ

    БОЛНИЦАТА ВО ЛЕШОК ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ИМА НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА НАСКОРО ЌЕ ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИСпецијалната болница во Лешок со вода за пиење со години користи диспанзери, односно не ја користи водата од селскиот водовод. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок по најавите во медиумите дека водата за пиење во болницата не е во исправна состојба. Според Клековски водата е неисправна и во изминативе години, а Специјалната болница во Лешок со вода за пиење со години користи диспанзери, односно не ја користи водата од селскиот водовод.

    Специјалната болница во Лешок е сместена во нов објект од 2007 година и се грижи за пациенти со астма и ХОББ.

    „Состојбата во Лешок е неисправна и тоа не е тајна, затоа што таа е таква барем една деценија наназад и тоа можело да се види од редовните наоди кои што стигнувале во Министерството за здравство. Населението тоа го знае и се придржува по упатствата што ги добива за постапување. Со иницијатива на Месната заедница е направен зафат за решавање на проблемот. Значи, водоводот во Лешок во основа го управува Месната заедница од Лешок, каква што е состојбата и со многу рурални водоводи. Се очекува во текот на неделата да се направат две проби за да се види дека и таа вода од водовод веќе нема да биде техничка туку ќе биде и за пиење не само за болницата,  туку за целото населено место“, вели Клековски.

    Клековски потенцираше дека следењето на квалитетот на водата за пиење е во надлежност на јавните комунални претпријатија на Општините каде се формирани и дека тие се одговорни за нејзиниот квалитет.

    Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 3.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот. Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага и побара триесетдневен притвор за директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ и за двајца раководители на сектори, кои се сомничат за Tешки дела против животната средина и природата.

    За моменталната здравствена состојба на граѓаните во Гостивар тој кажа дека се забележува намалување на бројот на лица што се јавуваат за лекарска помош.

    „Денеска имаме состојба од 80 новопријавени пациенти што е двојно намалување од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Вкупната бројка на заболени е околу 4.000. До сега се пријавени 750 со пријави за заразни болести, а анкетирани се 490, така што можам да кажам дека епидемијата влегува во смивачка фаза и започнува фазата на целосна епидемиолошка анализа за утврдување на хонологијата на настаните. Во моментот треба да почне да се прави раздвојување на тоа што е заболуваење од епидемија и тоа што е заболени од редовни гастроентерити“, изјави министерот Клековски.

    Но и покрај намалувањето на бројот за заразени, според последните анализи водата од градскиот Водовод сѐ уште не може да се користи за техничка употреба.

    „Управувачкиот комитет работи на прашањето, а вчерашните резултати сè уште беа недоволни на резидуален хлор. За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во водата, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мени места во моментов, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за потребата за техничка вода“, рече Клековски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира