ОД 1 АВГУСТ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ЌЕ ПОСКАПИ ЗА 5,96% ИЛИ ВО ПРОСЕК ЗА 140 ДЕНАРИ

    ОД 1 АВГУСТ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ЌЕ ПОСКАПИ ЗА 5,96% ИЛИ ВО ПРОСЕК ЗА 140 ДЕНАРИПросечната сметка ќе се зголеми за 140 денари. (Фото: К. Попов)

    Од 1 август поскапува парното греење во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која цената на топлинска енергија се зголемува во просек за 5,96% за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ производство на топлина.

    За потрошувачите на поранешна топлана Скопје Север, сегашна „Енерџи Еколинк“ зголемувањето е во просек за 3,6%, а за ЕСМ Енергетика зголемувањето е за околу 5% за домаќинствата.

    „По извршените сеопфатни економско технички анализи за работењето на енергетските компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Градот Скопје, РКЕ донесе одлука за корекција на цената од 5,96 %, односно просечната сметка ќе се зголеми за 140 денари или од 2.353 денари на 2.493 денари. Енергетските компании бараа зголемувањето да биде од 30% до 130%. Она што е клучно во периодот што следува и кое што ние го подржуваме е спојување на сите компании на ЕСМ за топлинска енергија, а со цел оптимизирање на ресурсите и зголемување на ефикасноста, што би значело поволна цена за потрошувачите“, рече Ацо Ристов, претседател на РКЕ.

    Тој кажа дека резултатите од направените аналзии покажуваат дека на годишно ниво жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија имаат најнизок годишен надоместок, за разлика од жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

    За една грејна сезона на парно греење се приклучени нови 1.521 потрошувачи, а вкупно 67.494 домаќинства се снабдуваат со топлинска енергија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира