Жителите на Гостивар максимално да ја истекуваат водата, апелираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по завршувањето на состанокот на Кризниот штаб. Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се речиси 5.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Од 27 јули водата во Општина Гостивар може да се користи како техничка вода, односно може да се користи за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но сѐ уште не може да се користи за пиење.
Тошковски, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, денеска кажа дека уште се на сила препораките од институциите, бидејќи сè уште варира квалитетот на водата и не е на соодветно ниво за да може да се користи за пиење.
„Цело време се хиперхлорира водаата, достигнува и до максимумот на дозволено законско ниво на хиперхлорирање. На сите точки коишто се преземаат и се користат како мерни единици за контрола е утврдено присуство на хлор и тоа е добро во рамки на фазата на прочистување на цевковниот систем. Но, пожелно е, и тоа го прават службите од ‘Водовод’ Скопје и од Гостивар, вршат почесто испирање на сите оние точки каде што може да се изврши испирање. Добро би било исто така и секој еден граѓанин којшто е сопственик на одредена недвижност да ги испушти, да ја испушти тековната вода којашто е во рамките на системот со цел да имаме колку што е можно побрзо прочистување освен на примарните цевководи, така и на секундарните“, кажа Тошковски.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов вчера соопшти дека водата од градскиот водовод во Гостивар е микробиолошки неисправна и штетна за пиење и употреба поради присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa.
„Бактеријата најчесто се јавува од застоена вода. Со оглед на тоа дека претходно имаше и забрана за водата да се користи ниту за пиење, ниту за техничка, е очекувано истота да се јавува во примероците. Хлорот кај каптажата е качен на малку повисоко ниво, правено е во неколку последователни периоди испирање на водоводната мрежа и целиот тој процес ние го следиме континуирано како лабораторија“, рече денеска раководителката на Секторот за санитарна контрола во „Водовод и канализација“ Скопје, Емилија Аневска.
Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар континуирано се следи и дека на 3 август се регистрирани вкупно 78 прегледи, што е за шест помалку во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 84 прегледи. Од почетокот на епидемијата на 19 јули, вкупно заразени се 4.762 лица.
Б. НЕСТОРОСКА



