КАДЕ СЕ СЕГА ПРАТЕНИЦИТЕ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА НЀ ЗАШТИТАТ, РЕКОА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД СТРУМИЦА КОИ ЧЕТВРТИ ДЕН ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ НИСКИТЕ ОТКУПНИ ЦЕНИ

    КАДЕ СЕ СЕГА ПРАТЕНИЦИТЕ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА НЀ ЗАШТИТАТ, РЕКОА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД СТРУМИЦА КОИ ЧЕТВРТИ ДЕН ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ НИСКИТЕ ОТКУПНИ ЦЕНИЗемјоделците се незадоволни бидејќи понудени се цени кои се пониски од ланските. (Фото: СДК.МК)

    Работиме на пеколни температури, но со овие откупни цени ќе нема за живиот, а камоли за одмор, рекоа струмичките земјоделци кои протестираат веќе четврти ден. „Срамота, срамота“, скандираа на денешниот протест кој го одржаа пред канцелариите на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, гневни на игнорантскиот однос на Министерството и на фабрикантите. Земјоделците се незадоволни бидејќи понудени се цени кои се пониски од ланските.

    Повторно го блокираа центарот на Струмица од каде ги повторија барањата, а тоа се повисоки откупни цени за пиперката-ајварка. Во моментов, низ откупните пунктови во Струмичкиот Регион црвената пиперка се откупува по цена од 40 денари за екстра класа која е наменета за извоз, додека за конзервно-преработувачките капацитети се откупува за 25 денари.

    „Не да е срамота, ова го нема никаде. Четири дена сме на протести и блокади, а никој не презема ништо. Жално е ова што ни се прави. Се мачиме како грешни ѓаволи за да на крај ни се откупи џабе. Каде се сега пратениците, градоначалниците да застанат на наша страна“, коментираа земјоделците.

    На протестот имаше и земјоделки. Го повикаа министерот за земјоделство Борче Серафимовски да најде начин и да помогне на градинарите во Струмичко, бидејќи сезоната на откуп е на почеток.

    „На овие пеколни температури работиме. И јас сакам на море или езеро да одмарам. Со овие цени нема да можеме да се покриеме, а камо ли да живееме, а не да помислуваме за одмор. Моите деца се постојано со нас на нива. И тие сакат да уживаат. Има ли некој во оваа држава да види каде ни оди земјоделието?“, кажа земјоделката Елена Стојанова.

    Протестите започнаа на 6 август. Прво земјоделците се собраа во Муртино, па излегоа во Робово. На 8 август  и денеска го блокираат центарот на Струмица.

    Министерот Борче Серафимовски минатата недела имаше средба со откупувачите. Се очекува да се сретне и со преработувачите. Во соопштението тогаш кажаа дека откупните цени се резултат на пазарната економија, но како Министерство ќе ги преземат сите чекори да го заштитат трудот на земјоделците.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира