ВОДАТА ВО СКОПЈЕ Е БЕЗБЕДНА, СЕ ШИРАТ ЛАГИ И ПАНИКА ОД ОПОЗИЦИЈАТА ШТО Е ЕДНАКВО НА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ И ИСПИ ЧАША ВОДА ОД ЧЕШМА

    ВОДАТА ВО СКОПЈЕ Е БЕЗБЕДНА, СЕ ШИРАТ ЛАГИ И ПАНИКА ОД ОПОЗИЦИЈАТА ШТО Е ЕДНАКВО НА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ И ИСПИ ЧАША ВОДА ОД ЧЕШМАЃорѓиевски кажа дека оваа паника се шири од опозицијата бидејќи тој и неговиот тим немаат никаква афера изминативе 8 месеци и се работат многу проекти за разлика од минатото.(Фото: Принтскрин видео Град Скопје)

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека водата во Скопје е безбедна за пиење и оти опозицијата шири дезинформации и паника дека во водата од изворот Рашче имало бактерија ешерихија коли. Откако утрово по социјалните мрежи почна да се шири информација дека скопската вода не е за пиење и оти е детектирана бактерија, Ѓорѓиевски во Град Скопје одржа прес-конференција и испи чаша вода од чешма.

    Тој најави дека ќе има соодветна реакција на институциите за ширењето на паника за која рече дека е еднаква на терористички напад и очекува во наредните денови да постапи Министерството за внатрешни работи.

    „Уште од вчера имав информации дека од одредени центри ќе се шири паника дека наводно е присутна одредена бактерија во водата. Прво почнаа приказни дела има опасност изворот Рашче да се загрози поради депонијата која е присутна таму 30 години. Откако вчера го разбив тој меур од сапуница, сега почна да се шири паника дека во водата има ешерихија коли. Се шири по групи во градинки, школи и останатите Фејсбук групи. Се вели дека некоја госпоѓа дознала од пријателката дека се направиле испитувања на водата и откриена е бактерија. Водата во Скопје е меѓу петте најбезбедни води во Европа. Јас не сум монструм да дозволам животот на моите сограѓани да биде загрозен. Вода од чешма пијам јас, моето семејство и мојот 8-годишен син“, рече Ѓорѓиевски.

    Тој кажа дека оваа паника се шири од опозицијата бидејќи тој и неговиот тим немаат никаква афера изминативе 8 месеци и за разлика од минатото се работат многу проекти.

    „Ние годинава немаме проблем со водоснабдувањето и притисокот и затоа се шират лаги. Ова е организиран напад од опозицијата, не мислам само на СДСМ, мислам и на онаа сателит партија што им помага често пати. Овој организиран напад на ширење хистереја е еднаков на терористички напад и затоа се сублимираат сите профили и во текот на денот ќе бидат доставени до МВР и ќе бараме да се постапи соодветно против истите“, рече Ѓорѓиевски.

    Основното јавно обвинителство (OJO) Скопје денеска соопшти дека оформи предмет по допрен глас за да ги провери информациите за енормно загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче. Изминативе деновиве беа објавени видеа и фотографии со огромна депонија во близина на изворите. Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека депонијата не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите Рашче.

    Од ОЈО велат дека надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици.

    „Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“, вели Обвинителството.

    Раководителката на санитарна контрола при лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“ Емилија Аневска кажа дека секој ден се прават испитувања на водата од примероци земени на 36 мерни места од сите скопски општини.

    „Испитувањата од примероците земени од 36 места на 11 август покажаа дека водата е безбедна за пиење, нема присуство на никаква бактерија. Дополнително вчера е направена и брза ПЦР анализа од која резултатите се добиваат за 7 часа и исто така резултатите покажаа дека не е констатирано присуство на ешерихија коли или некоја друга бактерија“, рече Аневска.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека до овој момент немаат добиено известување од ЈП „Водовод и канализација“, за незадоволителен резултат од лабораториско тестирање на водата за пиење, што е нивна законска обврска,  врз основа на кое би била донесена и забрана за нејзина употреба.

    Од Министерството за здравство велат дека досега нема ниту еден регистриран, ниту хоспитализиран пациент, чија здравствена состојба се поврзува со пиење загадена вода во Скопје.

    „Ова го потврди директорот на Инфективната клиника, д-р Фадил Цана на денешната прес-конференција во Министерство за здравство, како и одговорните лица од Институт за јавно здравје и Центар за јавно здравје-Скопје, кои исто така, информираа дека досега не се регистрирани вакви случаи. Министерството продолжува активно да ја следи состојбата и навремено ќе информираме за сите релевантни податоци“, велат од Министерството за здравство.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира