Премиерот Христијан Мицкоски не присуствуваше на денешната свечена седница на Владата по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, туку ја одбележа со објава на неговиот фејсбук профил. Седницата ја водеше вицепремиерот Александар Николоски.
Охридскиот договор за внатрешното уредување на малцинските права во Македонија беше потпишан на 13 август 2001 помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии во земјава и специјални претставници на ЕУ и на САД. Со овој договор заврши воениот конфликт меѓу етнички албанската паравоена организација ОНА и македонските вооружени сили кој започна во март 2001.
„Охридскиот рамковен договор е дел од нашата понова историја и од политичката и институционалната реалност на државата. Денес, на годишнината од неговото потпишување, важно е на овој документ да гледаме со зрелост, со почит кон различните ставови што постојат во општеството и, пред сè, со одговорност кон иднината. Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите. Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме. Таа иднина мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеа како замена за резултати. Наместо тоа, потребни ни се работа, развој, ред, меѓусебна почит и силни институции“, вели во објавата на Фејсбук премиерот Мицкоски.
На свечената седница на Владата, вицепремиерот Николоски рече дека пред 25 години државата избра да тргне по пат на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање.
„Се избра патот на договорот, патот на компромисот и на политичката зрелост. Тука е несомнена улогата и на меѓународната заедница, нашите партнери од Европската Унија и од НАТО, таму каде што државата природно припаѓа — не само заради својата политичка определба, туку и заради јасната определба на сите кои што живеат во Македонија, која што е јасно прозападна и проатлантска. Мораме да бидеме отворени – јас секогаш сакам да бидам отворен и да кажеме дека ако гледаме наназад, децении по потпишувањето на договорот, имаше и поединци и цели политички структури и цели политички партии, кои што за среќа не се дел од оваа Влада, коишто договорот го злоупотребуваа за свои лични интереси. Се обидуваа да прават раздор, да поттикнуваат лажен национализам, етнички тензии и на тој начин да владеат со државата. Може да признаеме дека долго и успеваа да го прават тоа и за за сега, еве да видиме во овие две години, дека во суштина најголемиот дел од работите беа поврзани со личниот и семејниот интерес, рече Николоски.
Министерот за правда Јетон Шасивари рече дека а оваа годишнина гледа не само како на можност да се потсетиме на минатото, туку пред сè како на одговорност за иднината.
„Охридскиот договор не е само документ од нашата историја. Тој е институционална одговорност и стандард што треба да продолжиме да го градиме секој ден. За мене, правдата не може да биде селективна. Еднаквоста не смее да остане само принцип на хартија. Тие мора да бидат дел од секојдневното функционирање на државата и од довербата на секој граѓанин во институциите. Мојата порака 25 години подоцна е јасна: Иднината на земјата се гради врз почитувањето, еднаквоста, владеењето на правото и достоинството на секој граѓанин. На оваа годишнина, го одбележуваме патот што го изодевме, ги вреднуваме постигнувањата и одговорно гледаме кон предизвиците на иднината. Како институции, наша обврска е да не го третираме овој Договор како завршено поглавје. Тој е дел од континуираниот процес на градење демократска, праведна и еднаква држава за сите“, рече Шасивари.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, рече дека дваесет и пет години подоцна, важноста на Охридскиот догвоор мора да се гледа подалеку од политичките разлики и секојдневните толкувања.
„Охридскиот договор останува важен столб на уставната и институционалната архитектура на нашата држава. Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот“, рече Гаши.



