СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СО ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА ЛИЦА КОИ СОЗДАВААТ ХИСТЕРИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА ЛАЖНАТА ВЕСТ ДЕКА Е ЗАГАДЕНА ВОДА ВО СКОПЈЕ

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СО ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА ЛИЦА КОИ СОЗДАВААТ ХИСТЕРИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА ЛАЖНАТА ВЕСТ ДЕКА Е ЗАГАДЕНА ВОДА ВО СКОПЈЕ„Она што мене посебно ме загрижува е мислам дека тука има и некои други, би рекол, повеќе комерцијални обиди, бидејќи за еден ден најненадејно голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви на и количини на флаширана вода“, кажа Мицкоски. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот  Христијан Мицкоски се надева дека со новите измени во Кривичниот законик ќе има и казнени одредби за лица коишто свесно создаваат хистерија, односно, како што рече, „вршат своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир, чувство на страв кај кај граѓаните“.

    На отворањето на новата спортска сала во Основното училиште „Круме Кепески“ во скопската Општина Кисела Вода, зборувајќи за лажната вест која на 12 август се прошири дека водата во Скопје е загадена со ешерихија коли, Мицкоски кажа дека повеќе од десетина лица се повикани на разговор во Министерството за внатрешни работи (МВР).

    „За жал, денеска преку социјалните медиуми голем број пораки се испраќаат, би рекол, се испраќаат и вакви пораки коишто претставуваат своевиден хибриден напад, пораки коишто имаат за цел да внесат немир, несигурност и револт кај граѓаните.
    ​Ние ден претходно добивме информација дека опозициски партии ќе се обидат да создадат ваква хистерија преку социјалните социјалните медиуми. ​Но, она што мене посебно ме загрижува е мислам дека тука има и некои други, би рекол, повеќе комерцијални обиди, бидејќи за еден ден најненадејно голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви на и количини на флаширана вода. ​Така што, јас разбирам дека имаме работа со безидејна и очајна опозиција којашто којашто се обидува да креира, да конструира, да создава хистерија на начин на кошто можеби и се претерува, но во ред. Тие ја избрале таа тактика, таа тактика да соберат политички поени. Ние ќе се бориме со ова, ние ќе се бориме со проекти, со работа, со посветеност“, кажа Мицкоски.

    Откако на 12 август се прошири лажната вест, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека водата во Скопје е безбедна за пиење и оти опозицијата шири дезинформации и паника дека во водата од изворот Рашче имало бактерија ешерихија коли. Ѓорѓиевски во Град Скопје одржа прес-конференција и испи чаша вода од чешма.

    Тој најави дека ќе има соодветна реакција на институциите за ширењето на паника за која рече дека е еднаква на терористички напад и очекува во наредните денови да постапи Министерството за внатрешни работи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира