ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН КОЈ УЧЕСТВУВАЛ ВО ШВЕРЦ НА 324 КИЛА МАРИХУАНА ВО ГРЦИЈА

    ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН КОЈ УЧЕСТВУВАЛ ВО ШВЕРЦ НА 324 КИЛА МАРИХУАНА ВО ГРЦИЈАСпоред Обвинителството, од февруари до 14 август 2026, осомничениот, заедно со трИ лица против кои се води постапка во Грција, организирал набавка, чување и транспорт на 324 килограми и 474 грама марихуана, со намера дрогата да биде продадена и пуштена во промет. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) отвори истрага против едно лице поради основано сомнение дека било дел од организирана шема за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Според Обвинителството, од февруари до 14 август 2026, осомничениот, заедно со три лица против кои се води постапка во Грција, организирал набавка, чување и транспорт на 324 килограми и 474 грама марихуана, со намера дрогата да биде продадена и пуштена во промет.

    Кон крајот на февруари осомничениот набавил товарно моторно возило, а на почетокот на март и приколка. Потоа организирал наводен транспорт на рециклирана пресувана хартија од Македонија кон Турција, преку Бугарија. Откако ги завршил царинските формалности, на 8 март го напуштил македонското подрачје со камионот и приколката, но наместо кон Турција, според сомнежите на Обвинителството, се упатил кон Грција. Возилото и приколката ги оставил на изнајмен затворен плац во Солун.

    Таму се сретнал со двајца од осомничените во грчката постапка, од кои едниот е недостапен за органите на прогонот, и го договорил понатамошниот транспорт на дрогата. Планот, како што се наведува, бил марихуаната да биде сокриена во товарот со рециклирана хартија. Во периодот од 11 до 14 август, двајца од осомничените, заедно со засега непознати лица, ја сокриле марихуаната во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија.

    Дрогата била откриена на 14 август во рамките на полициската акција „Вардарис“ во Грција. Тамошните полициски службеници лишиле од слобода двајца осомничени и извршиле претрес на изнајмениот плац во Солун.На местото била пронајдена приколката, од која претходно биле отстранети регистарските ознаки. Во четири палети во задниот дел од приколката и во уште четири палети пред неа било пронајдено вкупното количество од 324 килограми и 474 грама марихуана.

    Поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз соучесници и сведоци или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител побарал определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифатил предлогот и со решение му определил притвор во траење од 30 дена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира