Според податоци од СВР Тетово, деновите понеделник, четврток и петок се најкритични бидејќи тогаш се случуваат најголем дел од сообраќајните несреќи во Полошкиот Регион. Најмногу сообраќајни несреќи се случиле поради судир меѓу возила во движење, излетување на возилата од патот, како и несреќи со учество на пешаци.
Најризични места каде што најчесто се случувале сообраќајките се улиците во населените места и отворените патни правци со висока сообраќајна фреквенција, а најризичен временски период од денот е од 12 до 20 часот.
Сепак од СВР Тетово, под чија надлежност е и Гостиварскиот Регион, велат дека за изминативе 7 месеци значително бил намален бројот на сообраќајни несреќи во однос на истиот период од минатата година.
„Во периодот од 1 јануари до 28 јули 2026 , на подрачјето што го покрива Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово е забележано значително намалување на сообраќајните несреќи, што укажува на позитивен тренд на зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во текот на месец јули кога фреквенцијата на возила е значително зголемена поради доаѓањето на сограѓаните од дијаспората. Во овој период од годинава се регистрирани вкупно 590 сообраќајни несреќи, од кои 368 во регионот на Тетово и 222 во Гостивар. Оваа бројка покажува намалување за 74 несреќи во споредба со истиот период од 2025, кога се случиле вкупно 664 несреќи, од кои 382 во Тетово и 282 во Гостивар. Годинава се случила само една сообраќајна несреќа со две жртви во регионот на Гостивар и ниту една во Тетово, додека во истиот период лани имало 4 сообраќајни несреќи со 4 жртви, од кои една во Тетово и три во Гостивар“, велат од СВР Тетово.
Освен ова, оваа година биле регистрирани 57 несреќи со тешки телесни повреди (32 во Тетово и 25 во Гостивар), за разлика од 59 несреќи што се случиле во 2025. Годинава се регистрирани 254 несреќи со лесни телесни повреди (175 во Тетово и 79 во Гостивар), во споредба со 299 несреќи минатата година, а за малку е намален и бројот на лицата кои се тешко повредени во сообраќајните несреќи, додека пак е зголемен бројот на лесно повредените.
„Во текот на оваа година, 65 лица добиле тешки телесни повреди (37 во Тетово и 28 во Гостивар), додека во 2025 година таа бројка изнесувала 69 лица. Лесни телесни повреди добиле 587 лица (281 во Тетово и 106 во Гостивар), во споредба со 456 лица кои настрадале минатата година“, велат од СВР Тетово.
Најголем дел од повредените се возачите на возилата, по што следат патниците, мотоциклистите, возачите на тротинети и пешаците.
З. АНДОНОВ



