СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ Е РЕШЕНИЕ ЗА НАСИЛСТВОТО, ЗЛОУПОТРЕБАТА И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ, ВЛАДАТА ИМА ОДГОВОРНОСТ ДА ГО ЗАШТИТИ ЗДРАВЈЕТО НА МЛАДИТЕ, ВЕЛИ НЕВЛАДИНАТА ХЕРА

    СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ Е РЕШЕНИЕ ЗА НАСИЛСТВОТО, ЗЛОУПОТРЕБАТА И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ, ВЛАДАТА ИМА ОДГОВОРНОСТ ДА ГО ЗАШТИТИ ЗДРАВЈЕТО НА МЛАДИТЕ, ВЕЛИ НЕВЛАДИНАТА ХЕРААко има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е Сеопфтното сексуално образование (ССО), туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори, велат од ХЕРА откако МОН го повлече предметот од средните школи. (Архивска фотографија)

    Ќе нема изборен предмет Сеопфатно сексуално образование (ССО) во средно образование, кажа денеска министерката за образование. Таа рече дека Министерството за образовние и наука (МОН) одлучи да ја повлече наставната програма за да се направи ревизија, а потегот следи откако на 6 септември викарниот епископ стобиски Јаков од МПЦ-ОА ѝ пиша отворено писмо и го осуди воведувањето на ССО од прва до четврта година средно.

    „Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа. должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем“, изјави Јаневска.

    Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, која во која во учебната 2021-22 ја водеше пилот-програмата за предметот Сеопфатно сексуално образование заедно со (МОН) и Бирото за развој на образованието, соопшти дека „со сериозна загриженост ја примивме информацијата дека Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет Сексуално образование од средното образование и најавува негова ‘длабока ревизија по барање на јавноста’. Во земја во која податоците за насилството, дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни, бараме образовните програми да одговорат на секојдневните потреби на младите и загриженостите на родителите. Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е Сеопфтното сексуално образование (ССО), туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори“.

    Во 2021-22 пилот-програмата се спроведуваше од самиот почеток на учебната година во урбана и рурална средина, во Скопје и надвор од Скопје во 5 различни класови од деветто одделение.

    Денеска ХЕРА праша: „Денешната одлука отвора едноставно прашање: ако доказите покажуваат дека децата се изложени на насилство, злоупотреба, уцени и дезинформации, зошто би ја повлекле токму алатката што треба да им помогне да се заштитат? Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи. Очекуваме науката и доказите да бидат основа за секоја следна одлука, бидејќи образовната политика не смее да се води од страв, притисок и дезинформации. На децата не им треба помалку образование, туку повеќе знаење, повеќе превенција и повеќе заштита“.

    Од таму потенцираат дека треба да нè загрижи што дури 10% од децата на возраст од 12 до 17 години во акедонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година.
    Податоците покажуваат дека 8% од децата биле изложени на сексуални слики, 5% добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4% биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3% такви содржини веќе биле споделени без нивна дозвола. Дополнително, во 78% од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52% од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи како Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап.

    „Во ваква реалност, поразително е што само 19% од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование. Податоците пак за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ“, велат од ХЕРА и апелираат:

    „Ова е реалноста со која живеат младите, а повлекувањето на ССО значи повлекување на една од ретките системски алатки што може да им помогне да препознаат ризик, да постават граници, да кажат „не“, да побараат помош и да се заштитат. ССО не е закана за децата, туку е системски одговор на заканите со кои тие веќе се соочуваат: сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни фотографии без согласност, токсичните врски, непланираните бремености, превенција на ХИВ и дезинформациите од интернет. ССО ги учи младите што е согласност, како се поставуваат лични граници, како се препознава злоупотреба, како се гради здрав однос, како се штити сопственото тело и каде се бара помош. Тоа е превенција, знаење и заштита, поради што и меѓународното истражување Disrupting Harm (спроведено од UNICEF, INTERPOL и ECPAT International) препорачува интегрирање на образование соодветно на возраста за односите, границите и согласноста во училишните програми“, велат од ХЕРА.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира