МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА И АЛБАНИЈА ЗАЕДНИЧКИ БАРААТ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ДА ДОБИЕ СТАТУС НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

    МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА И АЛБАНИЈА ЗАЕДНИЧКИ БАРААТ ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ДА ДОБИЕ СТАТУС НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКОИницијативата првично беше покрената од Грција во 2014 (Фото: СДК.МК)

    Грција, Македонија и Албанија бараат Преспанското Езеро да добие статус на светско наследство на УНЕСКО. Иницијативата, првично покрената од Грција во 2014, сега се спроведува заеднички од трите држави и веќе доби поддршка од Европската Унија, која се согласи да финансира првични студии за предложената номинација, објави грчкиот весник „Катимерини“.

    Министрите за култура на трите земји, Лина Мендони од Грција, Бленди Гонџа од Албанија и Седат Сулејмани од Македонија, треба да се состанат денеска во општинската сала на Преспа за да разговараат за следните чекори. Ќе им се придружи Михалис Рокас, шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија.

    Рокас изјави за „Катимерини“ дека поддршката на ЕУ оди подалеку од политичката поддршка и вклучува финансирање на првичните студии.

    Градоначалникот на Преспа, Јоргос Стергиу, ја поздрави иницијативата, велејќи дека општината е подготвена да го поддржи напорот.

    Министерството за култура на Албанија кажа дека признанието од УНЕСКО би можело да привлече поголемо меѓународно внимание кон Преспа и да отвори нови можности за заштита и промоција на нејзиното наследство, одржлив развој и туризам со повисок квалитет.

    Грчкиот предлог датира од јануари 2014, кога Преспа беше додадена на прелиминарната листа на УНЕСКО како потенцијално место со мешано природно и културно наследство. Во предлогот се наведуваат биолошката разновидност и мочуриштата во областа, како и нејзините византиски и поствизантиски споменици.

    Трите земји веќе се согласија да соработуваат во заштитата на екосистемот Преспа на трилатералните премиерски состаноци во 2000 и 2009. Нивната соработка вклучуваше создавање на прекуграничниот парк Преспа, но заедничките иницијативи и предлогот на УНЕСКО подоцна го изгубија моментумот поради пошироките политички тензии во регионот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира