РИМ ГИ КАЗНУВА ТУРИСТИЧКИТЕ ГОЛФ-КОЛИЧКИ, ПОВЕЌЕТО ВОЗАТ БЕЗ ДОЗВОЛА

    РИМ ГИ КАЗНУВА ТУРИСТИЧКИТЕ ГОЛФ-КОЛИЧКИ, ПОВЕЌЕТО ВОЗАТ БЕЗ ДОЗВОЛАТурите со голф-колички се популарни меѓу туристите бидејќи им овозможуваат полесно да ги разгледаат знаменитостите (Фото: Гардијан)

    Властите во Рим почнаа засилени контроли на туристичките голф-колички, кои во последните години станаа сè поприсутни на улиците во историскиот центар на градот.

    Низ Рим сообраќаат околу 500 голф-колички, а според италијанската новинска агенција „Аднкронос“, околу 90 отсто од нив работат без соодветно одобрение.

    Полицијата неодамна запрела 131 количка во околината на Пјаца Навона, Пантеон, Циркус Максимус и Шпанските скали и изрекла казни во вкупна вредност од 38.000 евра. Прекршоците се движеле од возење без соодветна дозвола до непрописно паркирање.

    Градските власти бараат воведување правила на регионално ниво за дејноста, за која велат дека ризикува да излезе од контрола.

    Турите со голф-колички се популарни меѓу туристите бидејќи им овозможуваат полесно да ги разгледаат знаменитостите, особено во летните горештини и по тесните улици со калдрма. Цените почнуваат од околу 100 евра по човек, а можат да надминат 400 евра за половина ден.

    Но, нивното зголемено присуство предизвикува незадоволство кај жителите и таксистите. Жителка на населбата Монти вели дека постојано мора да ги избегнува количките и го опишува сообраќајот во Рим како „џунгла“.

    Возачите, пак, ги бранат туристичките тури, посочувајќи дека голф-количките се тивки и еколошки и дека им овозможуваат на лицата со попреченост и на семејствата со деца полесно да ги посетат знаменитостите.

    Покрај со голф-колички, туристите во Рим можат да го разгледуваат градот и со „фиат 500“ и „веспа“ со приколка.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира