НЕМА ДА БИДЕ ИСПОРАЧАНА ОД ГЕРМАНИЈА 21-ГОДИШНАТА ДЕВОЈКА ОСУДЕНА НА 5 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СООБРАЌАЈКАТА СО ЕДЕН ЗАГИНАТ КАЈ РОСОМАН, БИДЕЈЌИ ЖЕНСКИТЕ ЗАТВОРИ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ

    НЕМА ДА БИДЕ ИСПОРАЧАНА ОД ГЕРМАНИЈА 21-ГОДИШНАТА ДЕВОЈКА ОСУДЕНА НА 5 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СООБРАЌАЈКАТА СО ЕДЕН ЗАГИНАТ КАЈ РОСОМАН, БИДЕЈЌИ ЖЕНСКИТЕ ЗАТВОРИ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕГерманските власти испратиле одговор до Министерствто за правда дека не е можно испорачување на осудената девојка, бидејќи во женските затвори во Македонија има лоши услови. (Фото: СДК.МК)

    Викторија Зерзева (21) нема да ѝ биде испорачана на Македонија, каде беше прогласена за виновна за сообраќајна несреќа во која загина сопатникот во другото возило. Таа беше лоцирана дека престојува и живее во Германија каде била уапсена и ставена во имиграционен притвор, по што преку Министерството за правда беше побарана нејзина екстрадација. Германските власти испратиле одговор дека не е можно нејзино испорачување, бидејќи во женските затвори во Македонија има лоши услови.

    „Владата на Сојузна Република Германија го одби барањето за екстрадиција на горенаведеното лице од Германија во Северна Македонија, заради кривично гонење за делото што е предмет на налогот за апсење на Основниот суд Кавадарци од 19 август 2025 година, со референтен број КСП бр. 17/25. Надлежниот Виш покраински суд ја прогласи екстрадицијата за недозволена од причини поврзани со внатрешното право. Судот смета дека не се обезбедени услови за сместување во притвор во
    Казнено-поправната установа Скопје, како и во случај на подоцнежна правосилна осудителна пресуда, во Казнено-поправната установа Идризово, кои би ги исполнувале барањата на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи од 4 ноември 1950 година“, ни изјавија од Министерството за правда.

    Сообраќајката за која се гонеше Зерзева се случи на 5 ноември 2024, во близината на село Рибарци, Општина Росоман. Во 8:45ч. на регионалниот пат Кавадарци-Росоман, возилото „сеат“ кое го возела Зерзева удрило во „опел“ при што почина сопатникот Марјан Петровски(40) од Велес, а возачот од „опелот“ и 18-годишната сопатничката на обвинетата, имаа тешки телесни повреди. Зерзева имаше 18 години кога взеше, не била под дејство на алкохол и опијати, покажале анализите на крвта и урината. Таа во тој момент возела брзо, преминала на другата сообраќајна лента и ја предизвикала сообраќајката, за што беше прогласена за виновна во Основен суд Кавадарци.

    „Пресудата во меѓувреме стана правосилна, пет години затвор и забрана за управување на возило од Б категорија во период од една година“, соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира