СТРУШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО БАРА ИТНО ВЕШТАЧЕЊЕ ОТКАКО Е ПРИЈАВЕНО СОМНЕВАЊЕ ЗА ТРУЕЊЕ НА ДВЕ КУЧИЊА

    СТРУШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО БАРА ИТНО ВЕШТАЧЕЊЕ ОТКАКО Е ПРИЈАВЕНО СОМНЕВАЊЕ ЗА ТРУЕЊЕ НА ДВЕ КУЧИЊАТоксиколошката анализа треба да утврди дали животните биле затруени. (Фото: СД.МК)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга нареди токсиколошка анализа на две кучиња поради сомневање за труење, во рамки на постапка за кривично дело Убивање и мачење животни од член 233 од Кривичниот законик. Според наредбата, вештачењето треба да го изврши Ветеринарниот институт и токсикологија во Скопје. Анализата треба да утврди дали животните биле затруени.

    Транспортот на кучињата до Скопје е доверен на ветеринарен доктор од ветеринарната станица „Струга-Вет“. Обвинителството наложило вештачењето да се изврши веднаш, а наодот и мислењето без одлагање да бидат доставени до ОВР Струга и ОЈО Струга.

    За случајот на социјалните мрежи објави Климент Арнаудов, кој во својата објава тврди дека кучињата угинале во рок од десет минути, во тешки маки. Тој изразува сомневање дека бил употребен високотоксичен отров, но резултатите од токсиколошката анализа треба да ги потврдат причините за угинувањето.

    Во објавата се посочува и дека биле прегледани снимки од безбедносни камери, кои би можеле да помогнат во расветлувањето на случајот.

    „Кучињата во рок од 10 минути душа испуштиле, во страшни маки. Иако може да се заклучи дека станува збор за високо токсичниот отров ‘ланате’, сепак телата се дадени на обдукција, а и камерите своето си го сторија, па можеби ова и ќе биде првиот случај каде монструм убиец ќе окапа во затвор. За опомена и на други да биде, ако сакаме и нас ко држава да нѐ биде“, стои во дел од објавата на Арнаудов.

    Истрагата треба да ги утврди околностите под кои угинале кучињата и евентуалната одговорност на сторителот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира