Раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика, кој беше еден од гостите презентери на 41. издание на фестивалот Макфест во Штип, зборуваше за своето пелтечење и за тоа колку музиката му помогнала слободно да се изразува. По неговиот говор во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип доби голем аплауз и поддршка од публиката.
„Сакам да им кажам на сите оние кои имаат проблем со говорот да не се плашат. Пелтечењето или народски кажано д’ткање е губење на ритамот на говорот. Музичкиот ритам мене ми даде шанса да се изразам слободно. За мене, музичкиот ритам не значи ни слава, ни популарност. Мене ми помага да земам здив и да го кажам тоа што го мислам“, рече Слаткар, по што доби аплауз од публиката.
Тој кажа дека ја искористил сцената на Макфест за да зборува и за тоа како треба да се однесуваме кон луѓето кои имаат проблеми со говорот.
„И токму затоа, решив преку оваа голема сцена, која 40 и кусур години им дава шанса на луѓето да се изразат слободно, да испратам порака. Доколку сретнете човек кој има уникатен говор како што имам јас, сакам да го сослушате, да го оставите да го каже тоа што го мисли, да не го прекинувате, затоа што можеби треба многу малку време за да чуете нешто што е многу важно. Тие луѓе имаат што да кажат. Сослушајте ги и бидете трпеливи и солидарни низ животот, како што сте сите вие оваа вечер. Ви благодарам многу“, рече Слаткар.
За време на неговото обраќање, на видеобимот на сцената беше прикажан и насловот на документарниот филм „Слушни ме“, кој е во фаза на снимање. Филмот, кој ја раскажува личната приказна на Слаткаристика и други млади кои водат борба со пелтечењето, е во режија на Радован-Раша Петровиќ, а сценариото е на Кристина Ризоска. Се реализира во копродукција на „ОХО продукција“ и „Иноватива груп“. Премиерата е најавена на почетокот на 2027 година.
Синоќа во Штип заврши 41. издание на Макфест, на чија финална вечер беа испеани 18 песни. Шест од нив се пласираа од првата, полуфинална вечер, а останатите 12 беа изведени од познати пејачи.
По долго време, како пејач се врати Ристо Самарџиев, кој во изминатите години беше присутен на фестивалот како автор. Самарџиев кажа дека учествувал како пејач во првата, втората и третата декада на Макфест, во четвртата бил присутен само како автор, а сега, во петтата декада, повторно се вратил како пејач.
На финалната вечер настапија и Јован Јованов и Тони Зен со песната „Уште ми требаш“, Огнен Здравковски, Врчак и Симона Поповска, Елвир Мекиќ, Викторија Лоба, Наташа Малинкова, Теа Трајковска, Давид Темелков, Марија Спасовска, Марија Данева и Агни Авшар.
Фестивалот понуди песни со модерна продукија и ја наполни штипската сала, а го водеа Димитар Атанасовски и Маријана Станојковска. Како гостин дојде и првиот директор и еден од основачите на фестивалот Стојан Троицки, кој исто така доби голем аплауз од публиката.
М. ЏАРОВСКА




