Европската Унија и Володимир Зеленски со скепса ги примија најавите на Доналд Трамп за „голем, прекрасен договор“ за безбедноста на Европа, стравувајќи дека тоа би можело да го маргинализира континентот и да го охрабри Владимир Путин.
„Веќе имаме воспоставено европска безбедносна архитектура. НАТО и Европската Унија имаат свои соодветни улоги. Мора да се осигуриме дека Украина е интегрирана во оваа архитектура. Путин нема право на вето врз европската безбедност“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Доналд Трамп во четвртокот зборуваше за „голем, прекрасен договор“ по средбата со претставникот на Путин, Кирил Дмитриев, во Белата куќа.
„Тој ќе вклучи повеќе од Украина, би можел дури да кажам дека може да ја вклучи целата Европа“, кажа Трамп.
„Нашата цел е да развиеме практични аранжмани што ќе ги решат безбедносните грижи на сите страни, ќе го намалат ризикот од иден конфликт и ќе создадат постабилна и предвидлива безбедносна средина“, појасни зетот на Трамп, Џаред Кушнер, еден од главните посредници помеѓу Русија и Украина.
Тој рече дека аранжманот ќе има пет цели: постојани безбедносни консултации, сигурни кризни комуникации, поголема воена транспарентност, реципрочни мерки за намалување на ризиците од ескалација и трајна рамка за долгорочна европска безбедност и стабилност.
Според изворите на „Политико“, сојузниците од НАТО не биле однапред информирани за американските планови и многумина остануваат скептични кон идејата.
И Зеленски изрази сомнеж за американските предлози за нов европски безбедносен поредок.
„Тоа не е едноставно и може да биде опасно за нас. Прво e потребна дискусија како да се стави крај на војната. Потоа на Украина ѝ се потребни безбедносни гаранции. Дури како трет чекор може да се разговара за нова безбедносна архитектура во Европа. Украина е подготвена за прекин на огнот и деескалација, но нема знаци дека Москва попушта. Затоа, ова е опасно“, кажа Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Русија досега не видела подготвеност од Европа да разговара за идната безбедност на континентот, ниту, пак, назначила преговарач.



