Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Дијалог со светото“, на која се претставени дваесетина цртежи во различни техники и десетина икони од велешките цркви, од кои повеќето се дело на Крсте Зограф, а неколку се од непознат автор. Иконите се создадени во првата половина на 19. век. Во дијалог со нив се поставени дела на Димитар Кондовски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Никола Пијанманов, Горјан Ѓорѓиев, Трајче Чатмов и Ангел Коруновски, преку кои сакралните теми добиваат нови, современи ликовни толкувања.
„Пред нас имаме исклучителни, перфектни дела на средновековното сликарство, а како нивni пандан се поставени дела на автори од три генерации. На јавноста ѝ го поставувам прашањето: Дали гледаме поинаку во истата икона кога стоиме пред неа во храм или во музеј? Многу е важно што сакаме да видиме во нив. Во храмот застануваме да се помолиме, а во музеј, на изложба, забележуваме како е насликано лицето на светецот. Иконата е иста, а очекуваме нешто различно. Дали со менувањето на местото на кое ја гледаме ги менуваме и нашата перспектива и начинот на размислување?“, рече кураторката Јасминка Намичева.
Таа посебно ја истакна можноста публиката да види дела кои досега не биле достапни за јавноста.
„Имаме ексклузивна можност на оваа изложба да видиме дела од двајца македонски автори, Димитар Кондовски и Глигор Чемерски. Авторите ги сметале за незавршени, а сега можеме да се увериме како размислувале во моментите кога ги создавале“, додаде Намичева.
На изложбата за првпат пред јавноста се претставени дела од приватните колекции на познатите македонски автори: „Собор на архангелите“ и „Св. Василиј“ од Димитар Кондовски и „Херувимско бдеење“, „Крштевањето Христово“, „Светиот коњаник“ и „Пророкот“ од Глигор Чемерски. Тие преку своите дела се навраќаат на сакралните теми. Концептот на изложбата подразбира поставување дело од современ автор веднаш до икона на Крсте Зограф.

За првпат се изложуваат и второто и четвртото дело на фотографијата, дела на Чемерски и Кондовски. (Фото: СДК.МК)
„Изложбата не е направена за да ја покаже разликата помеѓу старото дрво и новото платно. Таа сведочи дека потрагата по внатрешното, духовното, не престанува, туку го менува својот облик“, рече Александра Гиовска, историчарка на уметноста од Народниот музеј во Велес.
Изложбата е дел од одбележувањето на јубилејот 80 години на Народниот музеј во Велес, кој е нејзин организатор, како и дел од настаните посветени на одбележувањето на 82 години од ослободувањето на Велес.
Изложбата ќе биде поставена седум дена.
П. ПЕЧКОВ




