ПОТРОШЕНИ 800.000 ЕВРА ЗА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО СЕЛАТА ТАБАНОВЦЕ И СОПОТ, НО ПРОЕКТОТ Е НЕДОВРШЕН ПОРАДИ ИМОТНО-ПРАВНИ ОДНОСИ

    ПОТРОШЕНИ 800.000 ЕВРА ЗА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО СЕЛАТА ТАБАНОВЦЕ И СОПОТ, НО ПРОЕКТОТ Е НЕДОВРШЕН ПОРАДИ ИМОТНО-ПРАВНИ ОДНОСИОпштина Куманово во 2021 година доби 47,7 милиони денари или 800.000 евра од Владата за изградба на фекална канализација со главен колектор и секундарна мрежа во пограничните села Табановце, Четирце и Сопот.(Фото: СДК.МК)

    Проектот за изградба на канализациска мрежа во кумановските села Табановце и Сопот, кој започна пред пет години, сè уште не е завршен поради нерешени имотно-правни односи на трасата низ која поминува. За досегашната реализација потрошени се 800.000 евра, а изградената инфраструктура нема никаква функција, поради што жителите се крајно револтирани. По нивно барање, Советот на Општина Куманово на последната седница расправаше за ова прашање, барајќи одговор зошто проектот е блокиран и што ќе се преземе за негово решавање.

    „Проектот започна со предвидената динамика, но поради нерешени имотно-правни односи изградбата запре на еден дел, а продолжи на делниците каде што беше извршена експропријација. Средствата се целосно искористени, проектот е затворен, а фекалната канализација не е ставена во употреба“, одговори Лидија Ланг-Спасовска, раководителка на Секторот за комунални работи во Општина Куманово.

    Општина Куманово во 2021 година доби 47,7 милиони денари или 800.000 евра од Владата за изградба на фекална канализација со главен колектор и секундарна мрежа во пограничните села Табановце, Четирце и Сопот, која требаше да биде поврзана со канализацискиот систем во селото Долно Коњаре. Средствата беа обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, од проектот ТАВ, откако пропадна идејата за изградба на карго-аеродром во Штип. Изведувач на работите беше фирмата „Жикол“, а изградбата на канализацијата започна во декември 2021 година.

    Од опозицијата обвинија дека Општината нема контрола врз проектите и парите што се трошат за нивна реализација, бидејќи станало практика тие да останат недовршени и без функција.

    „Ова е уште еден во низата нереализирани проекти за изградба на канализациска мрежа на територијата на Општина Куманово. Во Тромеѓа беа потрошени 500.000 евра, овде 800.000 евра, а селата немаат канал. Се работи за огромни пари и поразително е што средствата се потрошени, цевките се поставени под земја, а жителите не можат да се приклучат. Ова е доказ за тоа како работи Општина Куманово во изминатите години, милиони се трошат за инфраструктура што останува нефункционална“, кажа советникот Томица Илиќ од СДСМ.

    Иван Петковски од „Ред за Куманово“ праша кој бил надлежен за спроведување на експропријацијата на земјиштето – Министерството за транспорт и врски или Општина Куманово, додека советничката Марина Манојловска од СДСМ побара објаснување зошто Општината досега не одвоила средства за откуп на земјиштето, за да се доврши започнатото.

    Бидејќи немаше одговор на овие прашања поради краткиот рок за подготовка на седницата, раководителката Ланг-Спасовска најави дека во наредниот период ќе побараат информации од надлежните министерства и ќе ја информираат јавноста за состојбата со проектот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира