ОД 546 ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО САМО 268 ВРАБОТЕНИ ПОДНЕЛЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА СРАБОТЕНОТО, КАЖАА НА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКАТА НА ТЕТОВО ТЕУТА АРИФИ

    ОД 546 ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО САМО 268 ВРАБОТЕНИ ПОДНЕЛЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА СРАБОТЕНОТО, КАЖАА НА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКАТА НА ТЕТОВО ТЕУТА АРИФИПоранешната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арифи рече дека постапката против неа е тенденциозна. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Тетово се одржа третото рочиште од судскиот спор во кој на обвинителната клупа е поранешната градоначалничка на Општина Тетово, Теута Арифи. Според обвинителниот предлог, таа се товари дека во временскиот период од 01.01.2021 до 31.12.2021 година, како службено лице – градоначалничка на Општина Тетово, ги пречекорила границите на своето службено овластување, со намера да прибави за други значителна имотна корист, и тоа во износ од 9.375.200 денари, на начин што, без објавување јавен оглас во дневниот печат и во други средства за информирање, како и без објавување на службата надлежна за посредување при вработување, склучила договори за извршување повремени и привремени работи со 182 лица, без истите да бидат вклучени во организираниот процес на работа кај работодавачот.

    На денешното рочиште беа сослушани три лица кои имале потпишано договори за дело за период од шест месеци, но кои велеа дека им биле исплаќани минимални хонорари и дека, иако во договорите стоело дека се ангажираат во Службата за односи со јавноста или во Секторот за информатика, тие работеле сосема други работи.

    Судската расправа продолжи со сослушување на три вешти лица кои вршеле ревизија на работењето на Општината во врска со договорите за дело во периодот од јануари до декември 2011 година.

    Тие напоменаа дека ревизијата била извршена на барање на градоначалничката Теута Арифи, но кажаа дека и по завршената ревизија не ѝ поднеле извештај за состојбата со договорите за дело. Исто така, напоменаа дека некои од раководителите на секторите каде што вршеле ревизија им дале делумни податоци или, пак, воопшто не им ги доставиле бараните податоци. Беше речено дека од склучените 546 договори за дело, само 268 лица поднеле извештај за сработеното во дадениот период, додека 278 лица не поднеле никаков извештај.

    Ревизорите исто така констатирале дека, поради големиот број склучени договори за дело, таа активност морала да се одвива преку Агенцијата за вработување, а не договорите да се склучуваат директно со Општината.

    Продолжението на судењето е закажано за 1 декември 2026 година.

    По завршувањето на рочиштето, Арифи рече дека постапката против неа е тенденциозна.

    „Јасна е тенденцијата. Се работи за процедура отворена по пријава на актуелниот градоначалник. Жал ми е што на тој начин се повлечени граѓаните кои чесно работеле. Очекувам преку овој процес уште еднаш да се докаже дека секогаш сум работела чесно, отворено и транспарентно. Јас не можам да ги прекинам другите кои сакаат од ова да направат политика и да извадат политички поени кога не се во состојба да ги работат своите задачи, па шест години се занимаваат со мене“, рече Арифи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира