Хуманиот лекар од Холандија Хенри ван Дајк заедно со шест медицински сестри си ги ризикувале животите за да му помогнат на цивилното население во Битола за време на Првата светска војна. По француски Верден, Битола била вториот најбомбардиран град во Европа, поради што и го носи епитетот на страдалнички град. Холандската медицинска мисија била во Битола во периодот од крајот на 1916 до мај 1917, кога скоро секојдневно градот бил бомбардиран. Најголемото зло доаѓало од бомбите со отровен гас кои успеале во еден ден да убијат над 300 жители на градот, а само неколкумина војници.
По повод стогодишнината од хуманата дејност на оваа лекарска екипа, во Битола предавањето „Холандските медицински мисии во Македонија во Првата светска војна “ го одржа историчарот Џон Стинен. Тој истакна дека Холандија беше неутрална земја за време на војната, но нејзините хумани жители не си ги штедеа животите да му помогнат на цивилите во Македонија кои страдаа при бомбардирањата. Битола во 1915 била окупирана прво од Бугарија, а потоа ослободена од сојузничките сили. Во градот имало само воена администрација и на жителите им недостиганала елементрана грижа за нивното здравје, вели Стинен.
„Холандскиот лекар Ван Дајк заедно со уште шест медицински сестри по одредени преговори со српските и француските власти добил дозвола да дојде во Битола и да помога на цивилното население. Кога решавале дали да имаат мисија тука, имале доста тензии со властите зашто сметале дека е многу опасно за нив како цивили да бидат во градот. Прво доктор Ван Дајк дошол да ја провери ситуацијата и тие четири дена биле единствени денови кога немало бомбардирање. Потоа ги донел и сестрите, но се соочиле со постојано бомбардирање на градот“, вели Стинен.
При едно од бомбардирањата, на 7 март 1917, во Битола починала и хуманитарката Кетрин Харлеј од Велика Британија, која исто така го лекувала цивилното население. Била сестра на Џон Френч, командант на британските сили во Франција и Белгија за време на војната.
„Холандските лекари се обиделе да ѝ помогнат, но било доцна. Две недели по нејзината смрт, во април 1917, имало и напад со отровен гас врз цивилното население во кој настрадале околу 300 до 350 граѓани. Имало и затруени кои биле лечани од оваа холанска болница“, вели Стинен.
На презенатцијата Стинен користеше стари и оригинални фотогрфии од Битола, направени за време на војната од тогашни фотографи. Имаше дури и фотографија која ја нашол во Австралија, а на која се гледа како лекарот Ван Дајк лекува деца во Битола ранети од бомби. Сите презентирани фотографии го прикажуваа ужасот низ кој минала Битола за време на војната, наоаѓајќи се на самата линија на Солунскиот фронт кога половина градот бил срамнет со земја.
Ж. ЗДРАВКОВСКА