Лидерот на СДСМ Зоран Заев побара од претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски да не го тероризира оформеното мнозинство, да го почитува Деловникот и да дозволи да се избере претседател на Собранието.
„Ве повикувам после пет недели расправа да ја продолжите седницата после 18 часот за да заврши конституирањето на Парламентот. Заврши времето кога можевте да ги кршите Уставот, законите и Деловникот и тоа да го продавате како патриотски чин. Заврши. Ве молам, немојте да се изживувате и да го тероризирате оформеното мнозинство. Овде постои декларирано мнозинство, тоа нема да ви го дозволи. Има право и обврска да избере претседател од своите редови. Овде ќе се носи одлука, во оваа сала, во другите сали, во ходникот, во амфитеатарот на Правниот факултет, МАНУ“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната расправа во Собранието.
Заев побара од Вељаноски да дозволи да се изјасни мнозинството за да се избере претседател на Собранието.
„Имате 51 пратеник, прашање е дали сте толку. 69 пратеницити бараат да заврши процедурата час поскоро со изборот на претседател. 62 потписи стојат зад еден колега, Талат Џафери, да биде избран за претседател на Собранието. Што е тука нејасно? Да ве оставиме два, три месеци да расправате?“, рече Заев.
Г. ТРПЕНОСКИ