МВР во координација со Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави против 15 лица, меѓу кои не се водачите на протестите за заедничка Македонија: Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски, потврдија од Јавна безбедност во МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК .
Ниедно од петнаесетте лица не е приведено.
Освен што ниедно од 15-темина лица не е приведено за насилствата во четвртокот во Собранието,меѓу нив нема ни осомничени за обид за убиство, велепредавство и други потешки дела.
Овие лица се пријавени по член 384 и 385 од Кривичниот законик, а тоа е за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на должноста и учество во толпа што ќе изврши кривично дело, потврдуваат од Јавна безбедност, со која раководи директорот Митко Чавков.
„Ние ги поднесовме доказите и кривичните пријави до Обвинителството. Како ќе тече понатаму постапката, зависи од Обвинителството. Досега ОЈО Скопје нема испратено наредба до МВР за приведување на кое било од овие 15 осомничени“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од секторот Јавна безбедност во МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА